Фото: Дарко Андоновски

Многупати ситниот отпад наместо во кантите завршува на јавните површини. Казните за фрлање ситен отпад или догорчиња надвор од пропишаните места, најчесто се во висина од 3.000 денари. Доколку се уништуваат кантите за ситен отпадок, казните можат да изнесуваат од 9.000 до 12.000 денари

Доколку се направи една прошетка низ градот може да се забележи дека тој има потреба од повеќе канти за ситен отпад. Едноставно има локации каде што тие недостигаат. На пофреквентните места каде што има вакви канти тие често се преполни со отпад. Исто така, забележливо е дека има искршени или дотраени канти за ситен отпад, кои се без дно и нефункционални. Треба да се каже и тоа дека и жителите на градот немаат добра навика за фрлање на ѓубрето на соодветни места, што сѐ заедно ја наметнува потребата за зголемување на бројот на вакви канти. Тие им се потребни и на граѓаните и на туристите, кои доаѓаат да го посетат градот.
Во изминативе неколку месеци одговорните од градот Скопје поставуваа нови контејнери, а истовремено поставија и нови 950 канти за ситен отпад, кои ги нарекуваат канти за џебен отпад.

– Набавивме 540 нови контејнери, 30 нови контејнери за селектирање отпад, 950 нови канти за џебен отпад, 12 електрични машини за вакуумско чистење и 10 електрични возила за чистење и миење на јавните површини. Во Скопје конечно се создаваат услови видливо да се подобри состојбата со хигиената на јавните површни. Во овој процес треба да учествуваме сите заедно, ние како институции, но и граѓаните како луѓе што го сакаат својот град, чист и убав – изјави во октомври минатата година градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Овие нови канти се направени од еластичен материјал, тие дополнително се заштитени од непрописно полнење со ќесиња полни со комунален отпад и не овозможуваат ѓубрето да го растураат птици и други животни.
Од градот велат дека тие ги поставуваат кантите за отпадоци во поголемите паркови, кои се во надлежност на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, како и на јавните површини што се во нивна надлежност, поточно на булевари, магистрални улици и на пешачки патеки покрај нив. Оттаму додаваат дека кантите за ситни отпадоци редовно се одржуваат и заменуваат, иако, за жал, тие се честа цел за уништување од страна на несовесни граѓани.

– Немаме точна бројка на бројот на канти поставени во Градскиот парк, додека во согласност со извештајот за работа на ЈП „Комунална хигиена“ за 2018 година, на територијата на градот Скопје, по должината на булеварите и магистралните и собирни улици се поставени 2.135 канти за отпадоци (во оваа бројка се вметнати и контејнерите, не само кантите) – велат од градот Скопје.
За жал, и покрај тоа што недостигаат канти за џебен отпад и оние што се поставени се цел на вандали, најчесто малолетници, кои го истураат својот десктруктивен нагон врз кантите за ситен отпад.

Од градот велат дека Инспекторатот на градот Скопје врши засилени активности на терен во насока на спречување на оштетувањата на поставените канти и санкционирање на сторителите.
– Во периодот од јануари до мај 2019 година се изречени вкупно 649 мандатни казни, што претставува четирикратно зголемување на бројот на изречени казни во споредба со истиот период во 2018 година, кога биле изречени 149 мандатни казни. Покрај нашите инспектори, надлежност за казнување имаат и државните и општинските инспектори – велат од градот Скопје

Градските инспектори дејствуваат во согласност со Законот за јавна чистота, каде што се вклучени и санкции за фрлање и оставање градежен шут на јавните површини; фрлање и оставање различни видови отпадоци; оставање стари предмети од домаќинство; палење, закопување и уништување отпад; уништување на урбаната и друга опрема (клупи, фонтани, билборди, опрема на детски игралишта) и друго.
Казните за фрлање на ситниот отпад или догорчиња надвор од пропишаните места, најчесто се во висина од 50 евра. Исто така, во Законот за јавна чистота, во членот 14а, се вели дека доколку се уништуваат кантите за ситен отпадок, казните можат да изнесуваат од 150 до 200 евра.

Иако низ градот периодов беа поставени голем број нови канти за ситни отпадоци, може да се забележи дека, сепак, се потребни повеќе каде што ќе можат граѓаните да го фрлаат ситниот отпад, како на пример догорчињата. За да можат граѓаните да го почитуваат законот и да не фрлаат ѓубре насекаде, треба да имаат можност тоа ѓубре да го фрлаат на соодветно место.