Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најавените предвремени парламентарни избори, според гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, би можеле да влијаат на забавување на економската активност генерално, но ефектите би биле на пократок рок

Македонската економија во тековната 2019 година, според проекцијата на Народна банка, ќе порасне за 3,5 отсто, додека веќе за следната година се предвидува раст од 3,8 проценти. Очекувањата ги објави гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која додаде дека на среден рок се очекува растот на економијата во земјава да изнесува 4 проценти. Таа истакна дека ваквата динамика на растот беше очекувана и во априлските проекции, а поголеми промени не се направени ниту кај очекуваните извори на растот.

– Позитивен импулс врз растот и натаму се очекува да има домашната побарувачка, при натамошен раст на личната потрошувачка и закрепнување на инвестициската активност, додека придонесот на нето-извозот се оценува како негативен – изјави гувернерката.

Таа додаде дека извозната побарувачка и понатаму ќе остане значаен фактор за растот, а позитивен стимул врз развојот се очекува и од инвестициите, кои во првото полугодие од оваа година бележат раст што, според гувернерката, би требало да се задржи и следните години.

Најавените предвремени парламентарни избори, како што рече, би можеле да влијаат на забавување на економската активност генерално, но ефектите би биле на пократок рок. Според неа, важно е да се продолжи со структурните реформи, за кога ќе завршат изборите да се оствари повисока стапка на раст.

– Досегашното искуство упатува дека изборите може да влијаат на забавување на економската активност, но она што е карактеристично е дека ефектите од тоа се чувствуваат на пократок период, така што не е исклучена можноста да има одредено забавување на економската активност, но важно е во целиот овој период да се продолжи со структурните реформи, бидејќи тие се најважниот фактор што го детерминира растот, ги подобрува ефектите на економијата, за да може по завршувањето на тој изборен циклус, со поголем потенцијал на нашата економија да се остваруваат повисоки стапки на раст, кои несомнено ни се потребни – објасни гувернерката.

Таа исто така посочи дека екстерното опкружување има значително влијание врз растот на економијата, особено растот на германската економија со која имаме најголема трговска размена. Меѓу ризиците што можат негативно да влијаат врз економскиот раст, гувернерката ги издвои и трговските тензии, кои оваа година се интензивираа и чии понатамошни движења не можат да се предвидат, односно не може да се знае дали ќе ескалираат или ќе се смират.

– Сегашните податоци упатуваат на привремено забавување на глобалната економијата, но веќе од 2021 година се очекува закрепнување и ние и понатаму ќе ги следиме сите показатели – дополни Ангеловска-Бежоска.

Надолна ревизија е направена и на проекцијата на инфлацијата на еден процент за оваа и 1,5 процент за следната година.

– Годинава се очекуваат и пониски цени на примарните производи, а за Македонија како увозник на примарни производи ова е доста значајно. Се очекува пад на цената на нафтата и тоа за 7 отсто, што е поголем пад од очекуваниот. Исто така и кај цените на храната има ревидирање во надолна насока, а слични проекции има и кај бакарот и кај челикот – посочи гувернерката.

Кредитната активност на банкарскиот сектор и натаму се оценува како важен фактор за поддршка на економскиот раст и се очекува кредитниот раст за 2019 да изнесува 5,4 проценти.

Глобалниот амбиент е понеповолен од априлската проекција, бидејќи има зголемена глобална неизвесност поради растечките трговски тензии, неизвесниот процес на брегзит, геополитичките ризици и променливоста на условите на финансиските пазари.