Производствена ориентација на македонскиот агрокомплекс

Проф. д-р Борис Анакиев

Како мала и недоволно развиена земја, во глобалниот свет Македонија не може да има влијание ниту на светскиот пазар ниту во политичките збиднувања. Меѓутоа, тоа не значи дека мора да се остане сосема на периферијата на глобалното „село“, бидејќи во глобализацијата не добиваат сите, а некои можат многу да загубат. Потребно е да се приспособиме кон европските регулативи и норми и она со што располагаме да го искористиме рационално, во согласност со националните интереси. Како земја што е блиску до интеграција во ЕУ, апсолутно мора да ја прифатиме заедничката аграрна политика на ЕУ.

Производствената проекција на македонскиот агрокомплекс треба да го почитува фактот дека сме земја под влијание на три климатски подрачја, но со релативно високо влијание на медитеранската клима. И покрај малата површина, во Македонија има голема диференција на специфични агроеколошки услови, кои овозможуваат широк асортиман на култури и земјоделски производи, што е релативно погодна предност. Македонија има ограничени мали годишни суми на врнежи и ниска релативна влажност, што оневозможува конкурентско производство на континентални култури: жита, шеќерна репка, сончоглед и др., поради што е зависна од увоз. Проблематично е и производството на конкурентска добиточна храна (пченка и др.) што условува неконкурентно производство на добиточни производи.

Македонскиот агрокомплекс има сериозни пазарни проблеми. Познато е какви се нашите природни предности за примарно земјоделско производство, кои овозможуваат понуда на производи со висок квалитет како за директна потрошувачка така и за процесирање широк асортиман градинарски производи, најважните видови овошје, лозарство, тутун, овчарски производи, особено јагнешко месо. Посебно место во асортиманот може да имаат раните градинарски култури во заштитен простор. Меѓутоа, сите овие производи ја надминуваат домашната потрошувачка и се ориентирани за извоз, а конкуренцијата, како и протекционизмот од развиените земји, се голем предизвик.

За да можеме со успех да извезуваме, мораме да ги прифатиме највисоките стандарди. Европската аграрна политика, пазарот на Европската Унија, но и другите пазари, ги следат националните интереси. Кандидатскиот статус во ЕУ претставува период на приспособување за рамноправно членство. Неговата должина ќе зависи најмногу од усогласувањето на стандардите, законите и прописите што се однесуваат како на примарното земјоделско производство исто така и на преработките, односно целата прехранбена индустрија. Зачленувањето во ЕУ не е гаранција дека во глобалниот светски систем нема да бидеме губитници. Затоа е апсолутно потребно постојано следење на случувањата на светскиот пазар на стоки, на технологија на капитал и на сите други компоненти што ќе ни овозможат да бидеме во чекор со развиениот свет и да обезбедуваме одржлив развој.

Реално е очекувањето државата да издвојува повеќе средства за поддршка на земјоделството. Исто така е реално очекувањето дека ќе има релативно високи суми средства од ЕУ по добивањето статус на земја преговарач. Не е доволно да се имаат средства за поддршка на земјоделството, многу е важно да се поддржуваат оние гранки и производи што се од најголем национален интерес.

Без продлабочени анализи и пресметки не може реално да се оцени кои производи или гранки и кои бизниси треба да имаат предност при распределбата на средствата наменети за поддршка на земјоделството. Македонија троши големи суми средства за увоз на храна (740,6 милиони долари во 2018 год). Со извоз на храна, увозот на храна го покрива само со 50,8 проценти. Ако се погледне односот помеѓу извозни и увозни групи производи, ќе се види дека суфицит има само кај овошјето и зеленчукот.
Глобалните насоки се дека, пред сѐ, треба да се зголемува вкупното производство, а особено на оние култури (производи) за кои имаме споредбена предност.

Колку повеќе го зголемиме производството во блиска иднина толку посигурно ќе можеме да ги заштитиме нашите интереси во ЕУ. Преструктурирањето во однос на производите е потребно да се направи со групирање во три групи: производи што можат претежно да го задоволат домашниот пазар; производи што се наменети претежно за извоз (главно тутун и цигари, вино, јагнешко месо, овошје и зеленчук); производи за кои немаме најдобри природни и други услови и кои натаму ќе се набавуваат на светскиот пазар.

Преструктурирањето на извозот во однос на земјите увозници на наши производи треба да се насочува по следниот редослед: пазарот на Европската Унија; пазарот на балканските земји; источниот пазар (Русија, Украина и други); пазарите во Азија и во Африка.

Важен аспект е подобрување на условите за рационално користење на ресурсите во земјоделството, за да се зголеми производството. Тука треба да се има предвид следното: намалување на необработените ораници, кои заедно со угарите (како најпримитивен систем) достигнуваат до 30 отсто од ораници и бавчи; потребно е државата посмело да навлезе во проблемите на трошоците за производство и висината на заштитата на доходот на земјоделците, но во мера што не ги нарушува пазарните односи; улогата на фондовите во периодот пред интегрирање (во ЕУ) треба да се зголемува; полното и ефективно користење на претпристапните фондови на ЕУ.

Идниот развој многу ќе зависи од тоа како ќе се искористат средствата и од буџетот на државата. Искуството од други земји покажува дека голем дел од средствата се користи за поддршка за крупни земјоделски стопанства. Тоа беше предизвикано од формулите за тристрано учество, поради што малите земјоделски стопанства не беа во состојба да го обезбедат. Исто така се покажа дека процедурата за одобрување средства е доста сложена, како поради барањето голем број документи, така и поради разработка на проектите. Услов е проектот да биде изработен од експерти во таа област. Тоа чини релативно скапо, зашто исто така малите фирми не беа во можност да конкурираат за проекти. Градењето современа техничка и технолошка инфраструктура на земјоделството е насока во која ќе се ангажираат повеќе средства, но тоа ќе има подолготраен ефект врз земјоделството.

Сметаме дека заслужуваат подетално внимание две области за кои кај нас сѐ уште не се прави доволно, но секако ќе дојдат на дневен ред во времето на преговорите за интеграција. Првата област е развој на кооперативни услуги. Овој вид кооперативи се масовно раширени во развиените земји. Градењето такви кооперативи со сопствен капитал на малите земјоделци е речиси невозможно поради недостигот од сопствени финансиски средства и неможноста да користат кредити. Затоа улогата на државата е од особено значење. Државата ќе мора да се заложи дел од структурните фондови и потенцијално од ИПАРД да се пренамени за решавање на овие проблеми. Втората област е развивање современи фарми. Нашите природни и климатски услови се слични на тие од други европски земји, што значи дека во земјоделството, и производствената и организациската структура треба да бидат слични.

Поради маломерната површина на сопствениците на земјата, основната организациска форма е утврдена како семејна фарма на европските земји. Карактеристика на семејните фарми е дека стопанството е надвор од населените места. За да може тоа да се направи кај нас, потребни се огромни финансиски средства за градење на инфраструктурата – патишта, електрификации, водоснабдување и сл. што е во компетенција само на државата.

Нашите производи на светскиот пазар имаат сериозен проблем со квалитетот, особено со трговскиот квалитет, за која цел мора да се забрзаат процедурите за стекнување со сертификатoт за квалитет и безбедна храна.

Проблемот со распарченоста на површините на земјоделците и нивното окрупнување може да се решава на повеќе начини, но најголеми и брзи ефекти може да се постигнат преку слободен пазар на земјоделското земјиште и од комасацијата како мерка поддржана од државата.