Владата донела одлука за прогласување на кризна состојба во енергетскиот сектор во траење од 30 дена на барање на Комисијата за следење на состојбите со снабдување со електрична енергија формирана од Министерството за економија, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши, на денешната прес-конференција.

Тој напомена дека Владата го задолжила Управниот Одбор на ЕСМ да испита какви мерки се преземени од страна на ЕСМ за решавање на енергетската криза и дали се работело според плановите, а за одговорност рече дека би се барала откако тој извештај ќе биде доставен до Владата.

– Мое лично мислење е дека има одговорност, но најпрво да се справиме со енергетската одговорност, а потоа ќе реагираме за личната одговорност – изјави Бектеши.

Министерот посочи дека одлуката е донесена врз основа на процената на Комисијата дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија, како и поради состојбата на пазарот на електрична енергија, врз основа на извештајот изготвен од МЕПСО за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал од годинава.