Железничкиот сообраќај на релацијата Скопје – Куманово (Табановце) и во обратен правец е во прекин, поради излизгувањето на вагони од товарен воз на излезната свртница во кумановската железничка станица. Излизгувањето на вагоните се случило вчера рано наутро, поточно во еден часот и педесет минути во близината на селото Черкези.

Во несреќата на товарниот воз, кој се движел на релацијата Куманово – Скопје, нема повредени лица, но е причинeта материјална штeта.

Како што соопштија од „МЖ инфраструктура“, комисијата што е на терен од утринските часови, утврдила дека е направена голема материјална штета на инфраструктурните постројки, пругата, колосеците, електричните столбови, сигнализација, контактна мрежа и оптичкиот кабел. Висината на вкупната штета од овој немил настан, според комисијата што води истрага за утврдување на причините за несреќата, ќе се знае по завршување на истрагата.

– Демантираме дека железничкиот сообраќај во овој дел на пругата ќе биде во прекин 10 дена. Екипите се мобилизирани и работат вагоните да се тргнат од пругата, и од моментот кога истите тие ќе бидат тргнати од пругата, за 24 часа ќе ја ставиме во функција оваа железничка линија – е наведено во соопштението на „МЖ инфраструктура“.