Фото: Игор Бансколиев

Центарот за развој на Скопскиот плански регион почнува со реализација на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, кој ќе се реализира со финансиска поддршка на Швајцарската конфедерација и во соработка со Министерството за локална самоуправа.

Во рамките на проектот ќе се спроведе и програмата „Регионални форуми во заедницата“, за да се зајакне граѓанското учество во процесот на одлучување на регионално и локално ниво, да се подобрат партнерствата меѓу регионалните и локалните субјекти и да се најдат поефикасни решенија за проблемите од интерес за целиот регион. За Скопскиот плански регион е предвиден грант од 60.631 швајцарски франк.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу соопшти дека нашата држава е пример на исклучително големи развојни разлики меѓу планските региони, а уште повеќе во рамките на една општина, меѓу урбаните и руралните населени места.

– Граѓаните имаат право на уедначен пристап до јавните услуги и оваа влада направи максимални напори веднаш во почетокот на мандатот да ги менува работите. За оваа година за рамномерен регионален развој се издвоени седум милиони евра, што е за 100 отсто повеќе во однос на 2017 година. Минатата година со средства од оваа буџетска програма се реализирани 96 проекти во осумте плански региони – истакна Фазлиу.

Раководителот на Центарот за развој на Скопскиот плански регион, Љупчо Кец Мицковски, изјави дека тие како центар ќе спроведат три сесии од овие форуми и на крајот, како што рече, ќе излезат со една заедничка имплементација на сите потреби што ќе произлезат од овие форуми. Е.Р.


Пораснаа трошоците за живот и цените на мало

Трошоците за животот во јануари 2019 година, во споредба со јануари 2018 година, бележат пораст од 1,2 отсто, а индексот на цените на мало бележи пораст од 0,7 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Според објавените податоци, трошоците на живот во јануари 2019 година, во однос на претходниот месец, бележат намалување за 0,1 отсто, а цените на мало за 0,5 отсто.