Фото: Архива

Пандемијата ќе го промени туризмот во целост

Корона-кризата и ширењето на пандемијата најтешко се одразија врз туризмот и угостителството. Овие гранки сѐ уште не можат, а веројатно уште долг период ќе бидат погодени и под разни рестриктивни и превентивни мерки за заштита од ширењето на ковид-19. Одложувањето на оваа нова здравствено-економска криза, како и зачестените предупредувања дека ширењето на болеста може да има нов ек, наметнува дилема дали сегашните случувања целосно ќе го променат начинот на функционирање на туристичкиот сектор.
– Веројатно ќе биде потребно долго време, па дури и прашање е дали воопшто туризмот ќе се врати на старите патеки. Луѓето ќе избегнуваат да патуваат, да се возат во авиони, или друг тип групен превоз, истовремено барањата за дистанцирање на патниците ќе го поскапат авионскиот превоз… значи многу работи ќе се сменат. Дури може да очекуваме луѓето да избегнуваат сместување во хотели, бидејќи стравуваат од групирање. Поради ова, сметам дека секторот туризам најтешко ќе се врати на старите патеки, па дури е под знак прашалник дали воопшто ќе се врати – истакнува универзитетскиот професор Мијалче Ѓоргиевски од Факултетот за туризам и менаџмент.

Професорот истакнува дека сите промени што треба да ги направат хотелите или другите угостители ќе изискуваат дополнителни трошоци, кои пак ќе се одразат врз цените на нивните услуги, поради што под знак прашалник е дали туристите ќе можат да ги прифатат тие трошоци и да патуваат по тие цени.
– Сѐ уште е многу рано да се каже како ќе функционира туризмот во периодот што следува, дополнително што и воопшто не може да зборуваме за туризам, бидејќи границите се затворени, хотелите се затворени, воопшто нема опција за почнување на туристичката сезона во земјава. Иако имаме земји во соседството што најавија отворање на границите, со одредени протоколи или со однапред одредени земји од каде што ќе примаат посетители, сепак сѐ е под знак прашалник – истакнува Ѓоргиевски.
Тој посочува дека поради понатамошното ширење на вирусот, сѐ уште е рано да се зборува за туризам и истакнува дека во голем дел патувањата ќе бидат исклучиво по потреба.

– Авионите сѐ уште се приземјени, а кога ќе почнат со летови, ќе бидат со редуциран број на патници. Сега само ќе претпоставуваме како ќе се одвиваат работите. Сите препорачуваат домашен туризам, а од друга страна, хотелите не се отворени. Само претпоставки, не може ништо со сигурност да се каже и затоа е многу тешко да се прогнозира во која насока би се движел туризмот. Дури и светски познати дестинации сѐ уште не се отвориле за туризам, под знак прашалник се и летните дестинации, бидејќи верувам дека многу луѓе ако треба да патуваат низ пет држави за да стигнат на плажа ќе се откажат, од друга страна и сите стравуваме од ново затворање на границите. Многу непознаници за да се каже дали и како ќе функционира туризмот – заклучува професорот.

Деновиве првиот човек на Светската туристичка организација посочи дека ова лето значително ќе се променат туристичките навики на луѓето и истакна дека поголем дел од оние што ќе се одлучат да патуваат тоа ќе го прават по копно.
– Прогнозите на експертите не им одат во полза на авиокомпаниите, кои велат дека луѓето сѐ повеќе ќе го избегнуваат воздушниот сообраќај. Се очекува глобалниот туризам да опадне за 70 отсто оваа година во однос на претходната. Претходната глобални криза предизвика пад на туризмот за 10-20 отсто, но пандемијата на ковид-19 е полоша – истакнува Зураб Пололикашвили, генерален секретар на СТО при Обединетите нации.
Според СТО, поголем број меѓународни летови ќе бидат воспоставени во септември, доколку вирусот дотогаш е под контрола, додека во меѓувреме таканаречените „зелени коридори“ би овозможиле патување меѓу два региони, во различни земји, со ниско ниво на зараза.

Претставниците на стопанските комори во Македонија посочуваат дека ударот врз овој сектор е навистина голем, но притоа додаваат дека тој ќе се прелее и врз другите сектори поради девизниот прилив што го обезбедува оваа гранка.
– Суштинскиот дел од туризмот за една економија е дојдовниот туризам, поточно приливот на странски туристи во земјава. Тоа подразбира промоција и продавање на нашиот продукт т.е. Македонија како туристичка дестинација во Европа и во светот. Тоа е онаа извозна ставка во туризмот што всушност претставува прилив на девизи и директно ја поддржува економијата – објасни Владимир Граматиков, претседател Туристичко-угостителската комора при ССК.
Тој додава дека преку дојдовниот туризам директно се поддржуваат и зависат други сектори, па, покрај ноќевањата, истакнува дека туристите користат локален превоз, посетуваат музеи и разни знаменитости, користат услуги во наши ресторани, купуваат сувенири и локални производи, или пак реализираат тури во нашите винарници и поттикнуваат многу други слични активности.

– Потребата од добра стратегија и акциски план за развој на туризмот е од исклучително голема важност. Промоцијата на Македонија како туристичка дестинација во светскиот туризам беше исклучителен предизвик, но сега во постковид-ерата, предизвикот ќе биде уште поголем, бидејќи, покрај тоа што треба да се претстават нашите убавини, храна, гостопримство, ќе треба да ја претставиме Македонија и како безбедна земја, со сигурен здравствен систем. Посетителите мора да имаат доверба во државата што ја посетуваат – истакна Граматиков.
Тој дополни дека конкуренцијата во глобални рамки е огромна, постојат држави што вложуваат огромни средства во промоција на своите туристички капацитети, и посочи дека сега конкуренцијата ќе биде уште поголема, бидејќи и најголемите и најпознатите туристички дестинации ќе даваат огромни субвенции за да ги вратат туристите.