Премиерот Зоран Заев денеска соопшти дека Министерството за земјоделство прави анализи по што ќе објави колкави се штетите од косовската одлука со која царините за извоз на зеленчукот и овошјето од 18 јули до вчера беа 30 отсто повисоки.

– Среќен сум што Косово трипати дебатираше на оваа тема, се корегираше и ја повлече мерката, рече Заев на прес-конференција во Владата, одговорајќи на новинарски прашања.

Според него, Косово е силен трговски партнер на Македонија и Македонија сака тоа така да остане.

– Работиме комплетно во таа насока, да ги унапредиме и развиеме сите видови соработка со Косово, дополни премиерот.

Заев оцени дека однесувањето и внимателноста на македонската Влада во однос на косовската мерка уште еднаш го потврди пријателскиот однос што Македонија сака да го негува со сите свои соседи дури и кога нешто неправично, нефер и непријателски се случува кон неа.

– Нашите соседи се наши големи пријатели. Така е и со Косово. Одлуката се случи во период кога интензитетот на извозот на земјоделските производи беше прилично низок, кога шпицовите беа завршени. Веројатно тоа беше и една од причините да бидеме внимателни. Сите министри се впуштија во разговори, и економските и за надворешни работи, и јас директно со премиерот Рамуш Харадинај. Сите заедно за мерките брзо да се отстранат, бидејќи кога една земја, без разлика дали е соседна, ќе воспостави нови давачки, логичен е реципроцитет, подвлече Заев.