Доколку потрае пандемијата подолго од крајот на мај, тогаш годинава навистина ќе ни биде економски многу тешка, смета универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети

Дали корона-кризата дополнително ќе го осиромаши македонското население е прашањето што се наметнува по објавувањето на информацијата дека околу 70 отсто од кредитокорисниците побарале одложување на обврските, но и дека голем број од компаниите, 75,9 отсто, почувствувале тешкотии во секојдневното работење. За домашните аналитичари и економисти тоа, секако, е уште еден сигнал за дополнително осиромашување на граѓаните.
– Социоекономската структура на нашето население е позната, над една петтина (или поточно 21,2 отсто) живеат под прагот на сиромаштијата, со околу 130 денари приход по човек на ден (или околу 2,5 долари). Другиот дел, или веќе е тука, е во горните маргини со просекот на платата од 27.250 денари (во март 2020). Сите семејства со просечно четири члена и само со една плата се под приходите потребни за „потрошувачката кошница“, која изнесува околу 35 илјади денари – објаснува професорот Абдулменаф Беџети од Универзитетот на Југоисточна Европа.

Тој истакнува дека само во случај кога двајцата родители во едно семејство се во работен однос може да се живее спокојно од месец во месец, но без инвестиции.
– Според евиденциите на НБРМ, околу 300 илјади хипотекарни единици се заложени кај банките за станбени и потрошувачко-инвестициски кредити. Кога на сето ова ќе се додадат и изгубените или, пак, редуцираните плати поради кризата на пандемија, ќе излезе дека дури е и низок процентот на граѓани што побарале одложување на плаќањата кај банките. Доколку потрае пандемијата подолго од крајот на мај, тогаш годинава навистина ќе ни биде економски многу тешка. Знаете дека во текот на летните месеци заживува економијата и поради престојот на дијаспората, без нив ќе ни биде многу тешко. Па, можеби ќе им се помогне на некои што постојано го негирале нивниот импакт да сфатат колку се тие важни за нашата економија.

Јас за оваа „економска инфузија“ пишувам повеќе од 25 години, ама никој сѐ уште не може да се помири со фактот дека тие се пресудни за наше преживување – објаснува Беџети.
Претседателот на Организација на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, посочува дека вкупниот број граѓани што побарале одложување на обврските кон банките не значи автоматски и дека тие останале без плата.
– Податокот дека 70 отсто од граѓаните што имаат кредити побарале одложување на плаќањето на ратите не значи дека 70 проценти од граѓаните имаат скратени или никакви примања во овој период. Но ова исто така не значи дека не постојат граѓани на кои им се намалени приходите, а има и мал дел што ги изгубија примањата.

Критериумите што ги предвиде Владата во економските мерки се такви што економска помош може да очекуваат само компании што не отпуштиле работници, без оглед дали се со договори на определено или на неопределено работно време. Сметам дека во изминатиот период бројот на работниците што останаа без работа е занемарлив, а како ќе се одвиваат процесите понатаму најмногу ќе зависи од бројот на заразените и од преземените мерки за ограничување на движењето – вели Димитров.
Во изминатиов период голем број светски истражувачки центри укажаа дека ширењето на пандемијата загрозува голем процент од работните места во светот, а се стравува дека уште половина милијарда луѓе ќе западнат во сиромаштија.
Според познавачите, осиромашувањето на населението е редовна појава по големите економски кризи, или по завршувањето на војните.

– Историски наназад, по големите кризи, по светските војни или, пак, по големата економска криза во 1930-тите години, растела сиромаштијата. Но ова е специфична криза. Сега сите велат како ќе преживееме, сѐ до моментот кога навистина ќе се најдеме во ситуација да размислуваме како да преживееме, бидејќи вистинската криза ќе нѐ погоди подоцна. Тогаш можеби нема да биде забрането излегувањето, но тогаш ќе почнат вистинските проблеми. Голем дел луѓе се заглавени со кредити, со долгорочни обврски, оваа пандемија нѐ враќа на една почетна позиција – посочува универзитетскиот професор Илија Ацески.
Тој додава дека пандемијата сега води од глобализацијата кон локализација, да го зачуваме она што го имаме дома, не да се затвориме, туку да се зачуваат домашните вредности.

– Иако има разни сценарија, и песимистички и оптимистички, сега состојбата е доста неизвесна и таа лошо се одразува врз расположението на луѓето, а тоа може да доведе до една состојба на социјален немир. Ова го темелам врз нашата историја, досега нашиот народ преживуваше неколку големи економски ограбувања, по приватизацијата, па и низ годините, и ние живееме со идејата дека некој нешто краде. Како да веруваме дека сега нема да се искористи можноста за нов грабеж на државата, а мнозинството ќе дојдеме во ситуација да немаме за основни продукти, за преживување – објаснува Ацески.