Фото: Маја Јаневска-Илиева

Странските инвестиции за економијата на која било земја имаат повеќедимензионално значење. Тие не само што придонесуваат за зголемување на пазарната конкуренција, за пораст на извозот и на вработеноста, туку носат и нови практики, технолошки иновации и нови знаења, како и поефикасно корпоративно управување. Но, сепак, домашните компании бараат изедначување со странските за добивање субвенции, поддршка, како и помош за да ги развијат своите потенцијали за креирање нови производи и услуги и воведување нови технолошки процеси
Според Ива Трајковска, економска аналитичарка во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, странските директни инвестиции имаат значително влијание на извозот, особено извозот на машинско-транспортни уреди, кој е забележан со најголем пораст во изминативе 12 години, и претставува резултат од странските инвестиции направени во автомобилскиот сектор. Таа додава дека, покрај влијанијата на извозот, кај СДИ се забележува значителна увозна активност, што се јавува како последица на несоодветното снабдување суровини од Македонија за нивните економски активности.

– Соработката помеѓу домашните мали и средни претпријатија и странските компании во земјата е дисбалансирана и тоа е еден факт што не би можеле да го игнорираме. Двете страни се дијаметрално различни и секоја страна посебно има одредени позитивни и негативни аспекти. Како последица од овие различности се јавуваат значителни јазови во соработката помеѓу домашните и странските компании, а за нивно премостување треба да помине подолг временски период, како и вложување напори од двете страни – смета Трајковска.
Како што нагласува таа, разликите се јавуваат во повеќе аспекти, па, така, круцијални разлики може да се забележат во корпоративната структура, како и корпоративната култура на компаниите, ресурсите со кои располагаат овие две страни, како и во пристапот и условите на финансирање.
– Дополнителни разлики се јавуваат и во капацитетите и подготвеноста за инвестирање. Од друга страна, пак, доколку соработката се издигне на повисоко ниво и се премостат некои од овие јазови, ќе наидеме на големи потенцијали и притоа големи придобивки за двете страни, како од финансиски така и од оперативен аспект. Еднаков и идентичен третман на двете страни не би бил можен, но јасно е дека моменталната ситуација бара поголема поддршка кон домашните компании – истакнува Трајковска.

Според податоците на „Фајненс тинк“, во Македонија повеќе од 60 отсто од бизнисите претставуваат мали и средни претпријатија и особено е потребна поддршка на овие компании во делот на градењето капацитети и вештини, полесен пристап до финансии и поттикнување на иновативноста и претприемаштвото во компаниите.
– Значаен е фактот со каков капитал располага една компанија, но тоа не го дефинира и успехот на компанијата. Во бизнисот важат исти правила, без разлика дали станува збор за домашна или глобална компанија – вели Трајковска.
Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, нагласи дека странските инвестиции овозможија напредок во македонската економија, а бенефицијата од нив веќе се чувствува во економијата.
– Работењето на странските инвестиции во последните години влијаеше на диверзификација на нашиот извоз, како во поглед на производите и дестинациите, така и во поглед на зголемената технолошка интензивност. Речиси 40 отсто од целиот годишен извоз на Македонија во 2016 година го сочинуваа производи што се произведени во слободните економски зони. Вкупниот извоз на компаниите од зоните во 2016 година изнесува 1,71 милијарда евра и порастот на извозот во однос на 2015 година изнесува 16,33 отсто. Овој тренд продолжи и во 2017 година кога извозот на компаниите од слободните економски зони надмина 2 милијарди евра, што претставува пораст од 29,2 отсто во однос на остварениот извоз во 2016 година – објаснува Азески.

Според него, треба да се истакне и фактот што производствените капацитети на странските инвеститори се градат низ сите региони во земјава, што е многу важно за рамномерен регионален развој и намалување на невработеноста на регионално ниво.
– Сепак, разликувањето на домашни и странски компании е одамна надминато. Тоа што секој економски модел треба да го има во вид е дали компанијата е успешна или не, како и да се настојува со сите ресурси да се поддржат и поттикнат успешните компании, за да придонесат да ја достигнеме посакуваната стапка на економски пораст. Единствено успешните компании можат да бидат главни носители на економскиот пораст – истакна Азески.
Тој додава дека е потребно да им се помогне на успешните компании да станат поуспешни, а тоа би вклучувало промена на целиот економски модел, така што ќе се создадат еднакви услови за игра, без оглед на потеклото на капиталот на компанијата.
– Единствениот критериум што треба да биде земен предвид е успешноста на компанијата и изгледите таа да генерира висок економски пораст. Тоа би вклучувало обезбедување рамноправен третман на домашните со странските инвеститори. Во таа насока, потребно е да се донесат повеќе мерки за подобрување на условите за водење бизнис, односно за зголемување на конкурентноста на домашните фирми – појаснува Азески.

Како што вели тој, ова се однесува на рамноправен третман на домашните компании со странските во делот на поддршка на извозни програми, за што треба да се изгради соодветна системска регулатива, како и субвенционирање и на домашните компании со државна помош во делот на вработување и стручно оспособување.
– Исто така е потребно и државата да им даде импулс и поддршка на домашните компании за модернизирање на производството, зголемување на капацитетите и подигнување на стандардите. Континуирано мора да се работи на подобрувањето на конкурентноста на домашните компании до степен да можат да се вклучат во синџирот на доставувачи на мултинационалните компании локално, а и во глобални рамки. Паралелно со тоа, Македонија како држава мора преку образовниот систем да почне да ги насочува младите кон дефицитарните професии во нашата економија и креирање што поквалитетен кадар, кој ќе поседува апликативно знаење и вештини – нагласува Азески.
Конечно, како што додава тој, потребно е да се поттикнат успешните компании да соработуваат помеѓу себе, што би вклучувало и поттикнување на соработката помеѓу домашните и странските компании.