Големите, традиционално етаблирани македонски компании, на кои отпаѓаат 90 отсто од домашната економија, се на дното во регионот по иновативност и дигитализација. Слабо внесуваат новини, инертни се и не сакаат да ризикуваат.

За разлика од нив, како што беше истакнато вчера во Стопанската комора на Македонија, стартапите и бизнисите од ИТ-секторот се подинамични, подготвени на промени, брзо ги прифаќаат трендовите и поради тоа одлично ја претставуваат Македонија на глобалниот пазар.

– Идната година ќе иницираме соработка на овие две категории компании. Целта е да си помогнат едни на други. Традиционалните големи фирми ќе им го пренесат своето искуство на помалите, на новите стратапи, а овие ќе ги учат како да се осовременат, да внесат иновации и да се дигитализираат – нагласи Тања Штерјова од комората.
Според неа, неоспорно е дека македонските претпријатија, независно дали се големи, мали или микро, се карактеризираат со потпросечна профитабилност и продуктивност.

– Стапката на профитабилност кај вкупниот број нефинансиски фирми е 11,7 отсто за 2016 година, а продуктивноста многу ниска, 10.659 евра додадена вредност по вработен наспроти 50.782 евра по вработен кај истите вакви претпријатија во ЕУ. Состојбата е уште понеповолна кај малите и средните претпријатија, кои со 9.139 евра додадена вредност по вработен на европскиот пазар треба да се натпреваруваат со над трипати попродуктивни претпријатија, кои создаваат 43.310 евра по вработен додадена вредност по фактор на трошок – додаде Штерјова.

Според Игор Маџов од „Стартап Македонија“, бизнис-културата доаѓа од менаџментот, кој треба постојано да притиска во насока на внесување иновации и преземање ризик.
Маџов истакна дека со предвиденото вмрежување и создавање партнерства меѓу традиционалните компании и стартапите идната година, ќе се создаде спрега што ќе овозможи малите компании полесно да го изодат патот од идеја до конкретен бизнис, а големите да зачекорат од традиционалното во иновативно, технолошки конкурентно работење. Е.Р.