Декларација за подобрување на квалитетот и брзината на услугите на железничката мрежа потпишаа земјите од Западен Балкан, во рамки на меѓународниот самит посветен на развојот на железницата во регионот, што денеска се одржува во Белград, Србија.

Со декларацијата земјите од Западен Балкан се обврзуваат на воспоставување на директни железнички конекции помеѓу големите градови, на дигитализација на железничките системи за меѓусебно поврзување и овозможување размена на податоци за прекуграничен превоз на стоки и патници, на развој на интелигентни транспортни системи и воведување на мултимодални јазли, како и намалување на несреќите преку модернизација на железничките премини до крај на 2025 година.

Македонскиот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, на настанот истакна дека се работи на регионално унапредување и модернизација на железницата.

– Наша заедничка цел е железничкиот транспорт да биде подеднакво развиен како и во земјите на Европската Унија и да биде признат и препознат како побрз, безбеден и еколошки транспорт. Од нас се очекува да продолжиме да работиме како што работевме и во претходниот период. Ќе потенцирам дека завршувањето на реформите во железничкиот сектор, зајакнување на човечките капацитети, одржување на постојната мрежа, безбедноста, како и новите инвестиции, се клучен елемент за подобрување на сегашната состојба. Морам да спомнам и дека на коридорот 10 направени се рехабилитации на неколку делници со што брзината ја подигнавме до 120 километри на час. На тој начин работиме на кохезија со железничките системи во регионот – изјави Бочварски.

Во рамки на самитот директорот на ЈП МЖ Инфраструктура, Хари Локвенец, потпиша меморандум за разбирање со железниците од земјите од Западен Балкан, со кој железничките компании се обрвзуваат да работат на унапредување на железничката мрежа и подобрување на безбедноста во сообраќајот.

Меѓународниот самит е дел од иницијативата на Европската Унија во рамките на глобалниот настан „Година на железницата“ посветена на развој и модернизација на железничкиот сектор.

Како дел од овој настан, вечерва на железничката станица Скопје пристигнува европскиот воз со кој се промовира железничкиот транспорт како најбезбеден и најекономичен.