Фото: Игор Бансколиев

СО КАКВА ДИНАМИКА СЕ ОДВИВА ЕНЕРГЕТСКАТА ТРАНЗИЦИЈА

Минатата пандемиска година се покажала како позитивна за производството на енергија од обновливи извори (ОИЕ) во Европската Унија. Податоците што ги објави „Евростат“ покажуваат раст на учеството на ОИЕ во вкупното производство на енергија, а наедно е забележано и дека обновливите извори ги надминуваат фосилните горива во производството на електрична енергија во Унијата. Во Македонија податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека најголем дел, или 63,4 отсто, од енергијата сѐ уште се добива од термоцентрали. Сепак, Владата најавува дека до крајот на 2030 година планира целосно да го напушти производството на струја од јаглен.
– Во текот на 2020 година, помалата побарувачка на енергија предизвикана од рестриктивните мерки поврзани со пандемијата со ковид-19 значително влијаеше на одредени категории горива. Обновливите извори се издвојуваат како исклучок, кои го продолжуваат нивниот раст особено во производството на електрична енергија. Во 2020 година, производството на електрична енергија од фосилни горива продолжи да се намалува, забележувајќи ја најниската точка. За споредба, во 2007 година беше достигнат врвот со 1.584.005 гигават-часа произведена енергија, која во 2019 беше намалена на 1.133.402 гигават-часа, а минатата година на 1.022.589 гигават-часа (9,8 отсто намалување во споредба со 2019 година). Сличен тренд е забележан и во производството на електрична енергија од нуклеарна енергија, каде што привремените податоци за 2020 година покажуваат најниска точка од 1990 година, 6,3 проценти пониска од 1990 година – наведува „Евростат“ во извештајот.

Силен ангажман околу инвестиции во „зелена“ енергија

Преставниците на АД ЕСМ посочуваат дека енергетската транзиција на земјата е еден од приоритетите на Владата на Република Македонија, а енергетскиот стратегиски план е една од точките на Акција 21 и на Интервентниот план за инвестиции 2021-2027.
– Минатиот месец е потпишан договор за јавно-приватно партнерство за изградба на фотонапонска електроцентрала во Осломеј од 100 мегавати, во вредност од 70 милиони евра, што претставува една од најголемите инвестиции во енергетиката, поточно во обновливите извори за производство на електрична енергија. Паралелно, во различни фази на реализација е изградбата на уште две фотонапонски централи од 20 мегавати, со што во Осломеј целосно се супституира производството на струја од јаглен. Тоа е прв пример во Југоисточна Европа, за што Европската енергетска заедница испрати и писмо за поддршка – соопшти АД ЕСМ.
Што се однесува до ветерниот парк „Богданци“, оттаму додаваат дека во тек е проектот за зголемување на неговиот производствен капацитет на 50 мегавати.
– Според сите релевантни меѓународни организации, Македонија е на врвот на листата на земји од регионот по раст на обновливи извори на енергија. Минатата година производството на енергија од обновливи извори во државата е зголемено на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1 отсто. Резултатите од енергетската транзиција се потврда за успешниот ангажман на Владата и на ЕСМ за инвестиции во „зелена“ енергија – потенцираат од компанијата.

За замена на РЕК „Битола“ се потребни големи и сериозни вложувања

Енергетските експерти посочуваат дека плановите за напуштање на јагленот се за поздравување, но наедно предупредуваат дека за замена на РЕК „Битола“, од каде и го добиваме најголемиот дел од електричната енергија, ќе ни бидат потребни многу поголеми и посериозни инвестиции, дополнително и инвестиции за акумулирање на енергијата.
– Најавите се навистина амбициозни, но во производството на електрична енергија не можеме да се потпреме само на ОИЕ. Кога има сонце и ветер, ќе има и енергија, но кога нив ќе ги нема, ќе ни биде потребна акумулирана енергија, а ние како држава немаме можност за таков потфат. Поради ова десетина години апелирам да се гради акумулациска брана на Чебрен и Галиште, за да може да работи ноќе, кога ќе нема сонце и ветер, но и понатаму да има енергија за граѓаните. Во спротивно, ако се потпреме само на ОИЕ, а немаме каде да акумулираме енергија, ќе останеме без неа – укажува универзитетскиот професор Константин Димитров.
Тој дополни дека со затворање на РЕК „Битола“ и без домашно производство на струја од базна енергија ќе зависиме од увоз.
– Наместо да инвестираме во Грција во изградба на гасна централа, таков проект ни е потребен дома, за да имаме домашно производство на електрична енергија. За да биде заменето производството на еден од блоковите во РЕК „Битола“, нам ни се потребни трипати поголеми капацитети во обновливи извори. Исто така, наместо да се инсистира да се градат големи капацитети за производство на електрична енергија од сонце, може да се наменат средствата на државата за поддршка и изградба на мали производители, или, пак, самите домаќинства, кои со инвестиции во панели можат да ја намалат потрошувачката од системот, но и да даваат во системот енергија, со што значително ќе се зголеми производството на енергија од обновливи извори. На тој начин ќе се исполнат условите од ЕУ за учеството на ОИЕ и системот ќе биде постабилен. Сметам дека е невозможно од ОИЕ да се задоволат вкупните потреби за електрична енергија, уште помалку дека за десет години ќе можеме да се потпреме само на нив – потенцира Димитров.

Во Европа паѓа потрошувачката на нафта и нафтени производи, како и на природниот гас

„Евростат“ посочува дека во последната деценија имало забележителен раст на производството на електрична енергија од обновливи извори. Оттаму истакнуваат дека во согласност со податоците за 2020 година, производството на електрична енергија од обновливи извори првпат го престигна тоа од фосилни горива.
– Учеството во производството на електрична енергија од обновливи извори се зголеми со текот на времето, од 303.279 гигават-часа во 1990 година на 979.866 гигават-часа во 2019 година. Привремените податоци за 2020 година покажуваат зголемување на 1.052.582 гигават-часа, што е за 29.994 гигават-часа повеќе од енергијата од фосилни горива – потенцира „Евростат“.
Тие наедно регистрирале и голем пад на потрошувачката на нафта и нафтени производи и умерен пад на искористеноста на природен гас. Прелиминарните податоци за 2020 година покажуваат дека потрошувачката на нафта и нафтени производи опаднала за 12,9 отсто во споредба со 2019 година. Потрошувачката на јаглен поради ефектите од пандемијата и политиките за излез на јаглен има поголем пад.
– Во споредба со 2019 година, податоците за 2020 година покажуваат пад од 20 проценти кај кафениот јаглен и 18 отсто кај тврдиот јаглен. Од 2005 до 2020 година, потрошувачката на тврд јаглен е преполовена, односно се намалила за 51,2 отсто, додека кафениот јаглен опадна за 44,9 проценти во истиот период – наведуваат од „Евростат“.


Вкупно бруто-производство на електрична енергија во Македонија, април 2021 година

Термоцентрали 63,4%
Комбинирани централи и индустриски енергани 0,5%
Соларни електрични централи 0,6%
Ветерни електрични централи 2,3%
Соларни електрични централи 0,6%
Ветерни електрични централи 2,3%
Биогасни централи 1,3%

Извор: Државен завод за статистика