„Мајкрософт“ воведе пробна работа од само четири дена во неделата во Јапонија и резултатите беа неверојатни – продуктивноста скокнала за дури 40 отсто. Сè поголем број помали компании усвојуваат четиридневна работна недела. Но, резултатите од неодамнешната проба на „Мајкрософт“ посочуваат дека ваквата пракса можат да ја воведат и големите компании.

Компанијата летово воведе програма во Јапонија наречена „Предизвик за животниот век на работа“, одлучувајќи да ги затвори своите канцеларии секој петок во август и да им даде на сите вработени дополнителен ден за одмор секоја недела.

Резултатите беа изненадувачки – додека времето поминато на работа се намали драматично, продуктивноста – мерена со продажба по вработен – пораснала за речиси 40 отсто во однос на истиот период претходната година, соопшти компанијата.

Покрај намалувањето на работното време, менаџерите го повикаа персоналот да го намали времето што го минуваат по состаноци и во одговарање на електронската пошта. Тие посочија дека состаноците не треба да траат повеќе од 30 минути. Вработените исто така биле охрабрени да ги намалат состаноците со користење  апликација за онлајн пораки.

Повеќе од 90 отсто од 2.280 вработени во „Мајкрософт“ во Јапонија подоцна изјавиле дека ги почувствувале ефектите од новите мерки.

Колку е прифатлива идејата за скратена работна седмица во Македонија и каков ефект би имала примената на четиридневната работна недела во земјава, се прашања што се наметнуваат по зачестените написи за примената на ваквата практика низ Европа и светот. 

Македонските работодавци, за „Нова Македонија“, неодамна истакнаа дека идејата би можела да се примени во одредени дејности, но дека таа ќе има сосема спротивен ефект во трудоинтензивните дејности. Тие исто така посочија дека според законот, работната недела сега трае 40 часа, и дека доколку се намали на 32, одредени гранки ќе претрпат преголеми загуби.

Идејата за скратена работна недела во последно време дојде до израз поради економските, општествените, здравствените и технолошките причини. Всушност, преоптовареноста со работа резултира со илјадници заболени од депресија секоја година, прекувремената работа го отежнува балансирањето меѓу кариерата и грижата за семејството, а покрај сето тоа, развојот на технологијата го трансформира концептот на работа и работен ден какви што ги знаеме денес.