Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) обезбеди нов финансиски пакет од пет милиони евра за подобрување на енергетската ефикасност во домовите во рамките на Фондот за Западен Балкан за финансирање зелена економија (ГЕФФ II).
Средствата од заемот ќе бидат достапни за инвестиции во зелени технологии со високи перформанси, материјали и решенија во куќи и станбени згради во приватна сопственост. По успешното завршување на проектите, заемопримачите ќе имаат право на поврат на средства до 20 проценти, финансирани од Европската Унија.
– Ќе продолжиме да ги поддржуваме инвестициите што придонесуваат за зелената транзиција. Со потпишувањето на овој пакет, очекуваме да им дадеме дополнителен поттик на бизнисите во земјата преку обезбедување подобар пристап до финансии, помагајќи им да закрепнат од пандемијата и да ја подобрат нивната конкурентност – рече Анди Аранитаси, раководител на канцеларијата на ЕБОР во Скопје.
Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје, порача дека со зголемувањето на енергетската ефикасност на зградите може значително да придонесеме за климатските цели, како и да им се помогне на домаќинствата и деловните субјекти да ги намалат трошоците.

– Тоа е дел од пошироката поддршка на ЕУ за спроведување на целите за климатските промени во Западен Балкан и закрепнување по економскиот пад предизвикан од пандемијата на ковид -19 – рече Гир.
Програмата за финансирање енергетска ефикасност (ГЕФФ) се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Македонија и Србија. Таа нуди финансии за инвестиции во зелената економија во станбениот сектор, како и за бизниси што обезбедуваат енергетска ефикасност и производи и услуги за обнова на енергијата за домаќинствата. Неодамна беше зголемена на 135 милиони евра како одговор на зголемената побарувачка. ГЕФФ се спроведува во рамките на Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан, кофинансирана со грантови средства од Европската Унија, Инвестициската рамка за Западен Балкан и од Австриското федерално министерство за финансии.