Фото: Маја Јаневска-Илиева

Додека Владата размислува, а УПОЗ чека одговор, се обидовме да дознаеме постојат ли расположение и можности за воведување седумчасовен работен ден или 35-часовна работна недела и во приватниот сектор, а пред сѐ во делот што се занимава со трудоинтензивните дејности, како што пред некој ден го побараа тоа вработените од управата, правосудните органи и здружaнијата на граѓани

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здружaнијата на граѓани (УПОЗ) пред неколку дена најавија дека до Владата ќе достават предлог во новиот закон за работни односи, кој е во фаза на изработка, да се воведе седумчасовен работен ден или 35-часовна работна недела. Дали нивното барање ќе биде прифатено од Владата не успеавме да дознаеме бидејќи до затворањето на весникот оттаму не добивме одговор на ова прашање. Во меѓувреме, другите синдикати размислуваат дали ќе го поддржат УПОЗ во барањето за скратено работно време, а во Бизнис-конфедерацијата на Македонија велат дека тоа, сепак, е комплексно прашање.

Првите луѓе на бизнис-секторот сметаат дека ваквото работно време би можело да се приспособи во одредени дејности без притоа да има намалување на продуктивноста или намалување на заработката на компаниите. Но тие во исто време предупредуваат и дека 35 работни часа неделно се тешки за организирање во трудоинтензивните дејности, каде што намалена работа на одредени машини ќе резултира со загуби во работењето.

– Сметам дека приватниот сектор, пред сѐ, ќе направи калкулации колку промената и намалувањето на работното време ќе влијаат врз капиталот и врз заработката. Сметам дека треба да се остави сопствениците да ја разгледаат оваа опција и сами да одлучат за воведување вакво работно време, бидејќи истото тоа не може во секоја дејност да се спроведе. Секако дека во креативните дејности, разни професии како на пример работа на компјутерски софтвер, може да се заврши работата понекогаш и за три или пет часа. Па добро е во вакви професии да се отвори можност луѓето да работат помалку отколку да седат непотребно на своето работно место – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ).

Сепак, Димитров истакна дека во Македонија доминираат трудоинтензивните дејности што не зависат од креативноста туку од максималната искористеност на машините со кои луѓето ракуваат, па ако работното време се скрати, ќе се намали и нивната искористеност, а со тоа и продуктивноста во компанијата.
– Во ваквите дејности ќе имаме контраефект од воведување на пократкото работно време. Сметам дека е добро да имаат можност сопствениците сами да проценат дали ќе воведе седумчасовно работно време. Во спротивно, ако тоа е задолжително во одредени сектори, може да се намали продуктивност и тогаш ќе има контраефект. Во секој случај, предлогот на УПОЗ допрва ќе треба да се разгледува меѓу сите економско социјални партнери, односно на економско-социјалниот совет, каде што ќе се продискутира овој предлог и ќе се види кому му одговара, а кому не. Сигурно дека некои компании ќе имаат корист од ваквото работно време, но не сите, особено не трудоинтензивните дејности – истакна Димитров.

Претставникот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, посочува дека од досегашните консултации меѓу бизнисмените, и од искуството сметаат дека предлогот на УПОЗ воопшто не е наивен. Тој додава дека отворањето на ова прашање токму во период кога се преговара за нов закон за работни односи е вистински момент да се искористи шансата, како за работниците, така и за работодавците.
– Во развиените земји синдикатите и работодавците заедно договараат многу детали поврзани со работните односи. Кај нас, некако сме сконцентрирани повеќе на политичките теми, но ова е вистински период за отворање толку битно прашање. Секако, прво треба да се види како ваквата одлука би влијаела врз пресметките за плата, па да се носат конкретни решенија – вели Бошков.

Тој додава дека и синдикатите и работодавците се свесни и знаат дека ниту еден вработен не работи цело време во текот на работниот ден. Според закон, во работно време е влезен и периодот за пауза, но сите работници не ги исполнуваат тие осум часа во денот само со работа, појаснува Бошков.
– Паметните работодавци можат да најдат многу позитивни аспекти од ова решение. Идејата е добронамерна, сѐ зависи од сопствениците и од менаџерите, кои ако знаат да изменаџираат ќе успеат дури и да си ја зголемат продуктивноста кај вработените. Едноставно треба флексибилно и заеднички да се договараат ваквите решенија – истакнува Бошков.

Инаку, од УПОЗ својот предлог за намалување на работното време го појаснуваа со можноста за отворање нови работни места, а наедно и со потребата на граѓаните да им се даде повеќе време и можност за грижа кон семејствата.
Компании низ целиот свет веќе почнаа да ги намалуваат работните недели, откако увидоа дека благодарение на пократката работна недела имаа поголема продуктивност, помотивирани работници и помал замор кај работниците.

Сопственик на берлинска компанија за софтвер Јан Шулц-Хофен вовел четиридневна работна недела минатата година и утврдил дека многу поздраво и подобро работат вработените. Прво ја тестирал четиридневната работна недела врз себе и сфатил дека истата работа ја завршува како и претходно кога работел пет дена во неделата.
– Кога имав пет дена секогаш мислев дека имам повеќе време, работев побавно, си дозволував повеќе паузи. Сфатив дека со четири дена, морам да бидам брз и фокусиран доколку сакам во петок да бидам слободен – вели Шулц-Хофен.
Сличен пример има и во Нов Зеланд, каде што осигурителната компанија Перпетуал Гардијан регистрирала пад на стресот и пораст на ангажманот на вработените при тестирањето на 32-часовната работна недела.