Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во чекор со светските достигнувања во градежништвото, неопходно е следење и имплементација на најновите трендови и стандарди во насока на зголемување на конкурентноста и квалитетот на градбата, посочуваат од Градежната комора при Сојузот на стопански комори, додавајќи дека, наспроти гаранциите што тие ги нудат за квалитетот на градбата, за квалитетот на увезените материјали што ги користат при градењето се одговорни царината и Градежниот инспекторат. Градежниците тврдат дека вградуваат квалитетни и проверени материјали, кои задоволуваат 2.000 европски стандарди и голем број македонски стандарди.

– Градбите во земјава се на многу повисоко ниво од оние во регионот, бидејќи сме на трусно подрачје. Секој градежник пред да почне да вградува одреден материјал во градбата, лабораториски ги испитува материјалите и дали тие се произведени според стандардите. Дополнително, во целиот процес на градба се проверува и издржливоста на градбата на земјотреси од страна на Институтот за земјотресно инженерство, што говори дека градбите се квалитетни – вели претседателот на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Ивица Јакимовски.

Тој појасни и дека секој купец на стан има можност самостојно да направи проверки на документацијата на инвеститорот, но дека самиот треба да направи лабораториски испитувања и на квалитетот на материјалите.

Според Соња Черепналковска, раководителка на секторот за стандардизација во Институтот за стандардизација, најодговорни за тоа дали ќе бидат вградени проверени и квалитетни материјали во една градба се инженерот што го врши надзорот на градбата и Државниот градежен инспекторат.

– Но за тоа дали во земјава ќе се увезат неквалитетни градежни материјали зависи од контролата на Царинската управа и на Државниот градежен инспекторат – додава Черепналковска.