Фото: Маја Јаневска-Илиева

Една од најдобрите мерки за справување со сиромаштијата, која е во подем, особено во градските средини, е активирање на сиромашните лица на пазарот на трудот, најпрво преку активности и мерки за зголемување на нивната вработливост, а потоа и нивно вработување на соодветна работна позиција

Сиромаштијата во нашата држава е на ниво на битка за преживување. Состојбите се загрижувачки, а конкретни мерки за решавање на проблемот се повеќе од потребни.
Стапката на сиромаштија сѐ уште е многу висока и изнесува 22,2 отсто поради што Македонија на европско ниво е една од најсиромашните земји, а има и највисока стапка на младинска невработеност. Само 2,7 отсто од жителите можат лесно да го протуркаат месецот со приходите што ги имаат, покажува истражувањето на сиромаштијата што го направи Државниот завод за статистика.

– Чувството на сиромаштија е поизразено во градските средини, каде што само 2,7 отсто од домаќинствата изјавиле дека со вкупните месечни приходи што ги имаат лесно ги задоволуваат потребите, за разлика од жителите на руралните средини во кои тоа чувство е застапено кај 3,2 отсто од домаќинствата – велат од ДЗС.

Повеќе од четвртина од домаќинствата или 28,6 отсто сметаат дека многу тешко можат да ги намират месечните потреби. Загрижува тоа што, според истражувањето, состојбата не се подобрува, туку напротив, се влошува, за што доказ е растечкиот тренд на сиромаштијата.

– Стапката на сиромашни лица, пресметана според препораките на Евростат, во 2015 година изнесуваше 21,5 отсто, во 2016 година 21,9 отсто, додека во 2017 година 22,2 отсто од лицата живеат под прагот на сиромаштија – се вели во истражувањето на Заводот за статистика.

Оттаму додаваат дека за сиромашни се сметаат лицата што живеат сами со годишен приход од 90.129 денари, додека, пак, прагот на сиромаштија за четиричлено домаќинство, кое по дефиниција е составено од двајца возрасни и две деца под 14 години, е поставен на годишен приход од 189.270 денари. По тие критериуми, според последните податоци, во нашата држава живееле околу 460 илјади сиромашни лица.
Деспина Тумановска, координаторка во институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, вели дека нивната анализа покажала дека околу 50.000 домаќинства во земјава располагаат со само 98.000 денари годишно, по домаќинство, што е само 2 отсто од вкупно расположливите пари во земјава.

– Овие домаќинства, повеќе од 80 отсто од парите со кои располагаат ги трошат за храна и комуналии, а само мал дел за сообраќај, комуникации и облека и обувки. Тие не можат да си дозволат посета на рекреативни и културни настани, ниту излегување во ресторани и хотели – нагласува Тумановска.

Според статистиката, додава таа, овие домаќинства успеваат да заштедат само 0,1 отсто од парите со кои располагаат, што во апсолутна бројка би биле 100 денари годишно.

– За жал, во 2017 година забележавме благо покачување на стапката на сиромаштија, на 22,2 отсто. Но ако анализираме според економскиот статус, сиромаштијата е значително поголема кај невработените лица, 38,7 отсто, за разлика од вработените лица, меѓу кои 9 отсто се сиромашни. Ова е доволен показател дека една од најдобрите мерки за справување со сиромаштијата е активирање на сиромашните лица на пазарот на трудот, најпрво преку активности и мерки за зголемување на нивната вработливост, а потоа и нивно вработување на соодветна работна позиција – истакна Тумановска.

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека единствен начин за намалувањето на сиромаштијата е економскиот раст и развој.
– Кај сиромаштијата не е доволен само економски раст туку пред сѐ развој, кој подразбира и поинтензивна и хоризонтална распределба на тој раст. Растот и развојот се постигнува со инвестиции, почнувајќи од образованието како основа за одржлив раст – смета Беџети.

Како што истакна тој, високата стапка на сиромаштијата ја генерира високата стапка на невработеност и нејзината природа останува структурална и ендогена.

– Сивата економија може да биде еден од факторите што статистички генерира сиромаштија, но проблемот не е до статистичката, туку до фактичката сиромаштија. Впрочем, кај нас, барем статистички, стапката на неформалната економија е помала од Албанија, но стапката на сиромаштија е повисока затоа што во Албанија, стапката на невработеност е пониска за речиси 40 отсто во однос на Македонија – посочува Беџети.

Според мислењето на Томе Неновски, професор на „Американ колеџ“, сѐ уште голем број официјално невработени лица, својата егзистенција ја наоѓаат во неформалниот сектор, таканаречена сива економија. Тој додава дека тие добиваат соодветен надоместок за својот труд (ангажман), кој никаде не се евидентира, но се рефлектира во растечкиот обем на трансакции во малопродажбата.