Авиокомпаниите бараат одложување на зелениот данок

Извршниот директор на „Ер Франс-КЛМ“, Бенџамин Смит, смета дека плановите за воведување зелен данок за авиокомпаниите би требало да се одложат поради влијанието на коронавирусот врз воздушниот сообраќај. Смит на конференција во Брисел рече дека индустријата е тешко погодена од ширењето на вирусот и дека планираните иницијативи за оданочување на авионските патувања би требало да бидат замрзнати, пренесува порталот „Еуроактив“.
– Со оглед на епидемијата на коронавирусот, бараме од владите да го запрат воведувањето нови даноци. Новите даноци за нас значат дополнителен притисок, на пример во Франција и во Холандија – рече Смит.

ЕУ ќе менува прописи за заштита на пазарот

Европските регулатори во јуни ќе го обелоденат предлогот за решавање на проблемот со неправедната предност на кинеските државни компании во однос на европската конкуренција, изјави европската комесарка за заштита на пазарната конкуренција Маргарет Вестагер.
Германија и Франција особено се гласни во повиците до европските регулатори за заштита на пазарното натпреварување да вложат поголеми напори за да обезбедат рамноправни услови за европските компании во натпреварувањето со кинеските гиганти.
Овие две земји во февруари, заедно со Италија и со Полска, ја повикаа Вестагер до крајот на јуни да изнесе предлог за измена на европските прописи за заштита на пазарното натпреварување.

Невработеноста во ЕУ стабилна во јануари

Стапката на невработеност во Европската Унија (ЕУ) во јануари се задржа на најниското ниво откако Евростат започна со собирање на месечните податоци. На ниво на 27 земји-членки на ЕУ, стапката на невработеност во јануари изнесувала 6,6 отсто, како и во претходниот месец. Кога ќе се додаде Велика Британија, невработеноста изнесувала 6,2 отсто и исто така не била променета во однос на декември.
Промени нема ниту во еврозоната, каде што невработеноста била на ниво од 7,4 отсто, што е нејзино најниско ниво од мај 2008 година.
Во ЕУ првиот месец оваа година без работа биле вкупно 14.086 милиони граѓани, од кои 12.179 милиони во еврозоната.
Со тоа бројот на невработени во ЕУ е зголемен за 16.000 во однос на декември, а во еврозоната за 1.000.
Во споредба со истиот месец минатата година, помал е за 746 илјади во ЕУ и за 593 илјади во еврозоната. С.Т.