Манипулации со исплатата на К-15

Некои супермаркети, угостителски, градежни и текстилни компании на работниците не им исплатиле К-15, или им уплатиле износи од 100 до 6.000 денари наместо максималните 10.100 денари за регрес за годишен одмор. Ова го истакна Кристина Ампева од невладината „Гласен текстилец“ – Штип, која посочи дека такви пријави имало од текстилните работници од Крива Паланка, Штип, Делчево, Ресен, Пробиштип и од Кочани.

– Досега сознанијата се дека две конфекции воопшто немаат исплатено регрес за годишен одмор, а дел исплатија во деновите по Нова година. Во Велес имаме исплати на К-15 од 100 денари. Преостанатите исплати се 1.000, 3.000, 3.500, 5.000 и 6.000 денари. Една штипска конфекција исплатила 4.000 денари во некакви бонови за пазарување од еден супер-маркет – истакнува Ампева.

„Самсунг електроникс“ очекува пад на оперативната добивка

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Оперативната добивка на „Самсунг електроникс“ во четвртото тримесечје потона за повеќе од третина, процени најголемиот светски производител на паметни телефони и мемориски чипови.
Во периодот од октомври до декември компанијата очекува оперативна добивка од 6,1 милијарди американски долари, што за 34, 2 отсто е пониско од истиот период лани. Во целата 2019 година оперативната добивка на „Самсунг електроникс“ би требало да се намали за 52,9 отсто. Приходите би требало да паднат за 5,8 отсто.
Од управата ги објаснуваат послабите резултати со редица проблеми во 2019 година, вклучувајќи ги и големите резерви на чипови и падот на цените, наспроти големиот раст на пазарот во изминатите години. Конкуренцијата на пазарот на скапи паметни телефони исто така се интензивира и потрошувачите сега подолго го одложуваат купувањето на нови модели.

„Тесла“ издејствувал поволна цена за земјиште за фабриката во Германија

Американскиот производител на електрични возила „Тесла“ склучил одлична зделка при купување на земјиштето на кое планира да ја гради фабриката во Германија, покажуваат документите на одборот за буџет на сојузната држава Бранденбург. Земјиштето под шума со површина од 304 хектари во близината на Берлин ќе ја чини американската компанија 41 милион евра, пресметаа агенциите врз основа на увидот во документот на одборот за буџет.
Квадрат земјиште би требало да чини 13,50 евра, што е ситница во споредба со проценетата вредност на блиските недвижнини.
Така, квадрат земјиште во соседното индустриско подрачје чини 40 евра, додека квадрат во бизнис-кампусот „Еуропарк Дреилинден“ е 310 евра. Сепак, директна споредба не е возможна бидејќи во претходните случаи станува збор за урбанизирано земјиште.