ОЕЦД: Словенечкиот БДП паѓа за 7,8 отсто

Словенечкиот БДП оваа година поради корона-кризата би можел да падне за 7,8 отсто, според процената што ја објави Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
ОЕЦД наведува дека словенечкиот БДП оваа година би можел да падне и за 9,1 отсто доколку наесен се случи втор бран на епидемијата на ковид-19.
Ако не се случи втор бран, ОЕЦД за Словенија за следната година прогнозира раст на БДП од 4,5 отсто, како и раст од само 1,5 отсто во случај сепак да се случи втор бран.
Исто така, во зависност дали ќе има втор бран или не, ОЕЦД за Словенија оваа година предвидува стапка на невработеност од 6,4, односно 6,9 отсто, а во следната 5,4, односно 8,1 отсто.

Американска нафта пристигна во Белорусија

Рафинеријата за нафта во Новополотск во Белорусија почна да добива американска нафта, соопшти компанијата „Белкефтеким“.
Првата транша на нафта од САД пристигна во пристаништето Клаипеда во Литванија, од каде што со железница беше превезена во Новополотск.
Портпаролот на „Белкефтеким“, Александар Тишченко, соопшти дека пристигнал воз со 60 цистерни, од кои 17 содржат американска нафта, а остатокот е од Саудиска Арабија.

– За 10 дена целата нафта ќе пристигне во рафинеријата – додаде Тишченко.
Литванската железница соопшти дека целокупната американска нафта ќе биде испорачана во Белорусија за 10 дена, односно 120 цистерни дневно, или просечно 7.000 тони нафта.

Танкерот со 77 илјади тони американска нафта пристигна на 5 јуни од Тексас во пристаништето Клаипеда. Тоа е 12-ти танкер што стигна за Белорусија оваа година.
Вкупниот обем на испорака на танкери веќе надмина милион тони нафта.
Агенцијата ТАСС потсетува дека од 1 јануари 2020 година Белорусија нема договор со руските компании за снабдување со нафта преку нафтоводот „Дружба“ поради спор за цената.

Минск започна да купува нафта од алтернативни доставувачи преку Литванија и Украина.