„Луфтханза“ очекува договор со Владата за помош од десет милијарди евра

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ се надева дека преговорите со германската влада за спасување на оваа компанија би можеле да завршат наскоро, наведува одборот на авиокомпанијата.
Забраните за патување ја принудија германската групација, која ги опфаќа „Свис“ и „Остријан ерлајнс“, да приземји 700 авиони, што доведе до пад на бројот на патници за 99 отсто и предизвика групацијата да губи околу милион евра од резервите за ликвидност на час, пренесува Ројтерс.
– Проценуваме дека овие разговори би можеле наскоро да бидат завршени – напишаа во писмо извршниот директор Карстен Спор и членовите на одборот, додавајќи дека ги проверуваат и алтернативните решенија, иако не очекуваат дека ќе им бидат потребни.
„Луфтханза“ преговара за помош во износ од десет милијарди евра, што би резултирало со тоа владата да добие 25,1 отсто удел во компанијата, објави во петокот неделникот „Шпигел“.

Италијански филозоф ја спореди пандемијата со големата економска депресија

Кризата што ја предизвика пандемијата на коронавирусот во целиот свет, италијанскиот филозоф и поранешен градоначалник на Венеција Масимо Качари ја спореди со големата економска криза од 1929 година.
Според податоците на Светската организација на трудот, по пандемијата 1,5 милијарда луѓе на планетата ќе останат без работа.
Качари тврди дека за време на оваа здравствена криза се случува длабока промена внатре во капитализмот и меѓу капитализмот и работата. Како пример тој наведува дека цели индустриски гранки се уништени, а од друга страна секторите како „биг дата“ и електронската трговија доживеаја вистински процут и огромна заработка во оваа криза.
– Присуствуваме во живо на целосна демонтажа на досегашната организација на работа и процут на онлајн-работењето, што работниците ги доведува во ситуација да работат двојно повеќе, а за работодавците трошокот е двапати помал. И секако, ако работниците остануваат сами дома, и улогата и важноста на синдикалните организации се менуваат – вели Качари.

Според него, пандемијата само го истакна она што извесно време се случува, ја забрза трансформацијата на механичката работа кон технолошка и електронска.
– Оваа промена е толку брза што не гледам која политика или, пак, која влада би можела успешно да ја контролира – вели Качари.
Тој изрази стравување дека демократијата би можела да биде жртва на таквите промени.
– Многу влади реагираат ад хок, поточно не се подготвени да донесуваат одлуки од случај до случај. Се плашам дека во блиска иднина државите би можеле да бидат поттикнати да владеат со помош на декрети, а тоа може да нè претвори во авторитарни општества – истакнува познатиот италијански филозоф. С.Т.