И покрај сите предизвици на почетокот на новата учебна година, 1 октомври означува почеток на едно ново поглавје во македонското образование. Покрај училиштата, со работа почнуваат и студентските и училишните домови, кои обезбедуваат сместување за 12.000 студенти на територијата на градот Скопје. Поради капацитативната специфика во услови на пандемија, овие установи ќе имаат посебни протоколи за нивното функционирање, што ќе подразбира високо ниво на хигиена и честа дезинфекција. За таа цел, „Алкалоид АД Скопје“ донира производи од својата палета антисептички и дезинфекциски средства.
– Донацијата на средства за дезинфекција од „Алкалоид“ не само што ќе го заштити здравјето на учениците, студентите и на вработените туку и ќе го олесни спроведувањето на протоколите. Се надевам дека истите тие ќе се сфатат сериозно и ќе се почитуваат, бидејќи тоа е единствениот начин да ја надминеме оваа состојба и да ги заштитиме нашите најблиски – изјави Дарио Николовски, директор на „Државен студентски дом“ – Скопје.
За предизвиците на отворањето на студентските и училишните домови во вонредни околности, министерката за образование и наука Мила Царовска нагласи дека и во вонредни околности, односно во време кога се соочуваме со пандемија, успеале да најдат начин да ги отворат студентските и училишните домови и да обезбедат сместување за студентите и за учениците што ќе ги следат предавањата и практиката со физичко присуство. 

– Огромна благодарност до компанијата „Алкалоид“, која покажа вистинска општествена одговорност и донира средства за дезинфекција и за одржување на хигиената во домовите. Во оваа пригода би сакала да ги повикам студентите и персоналот во домовите да ги почитуваат протоколите за заштита, бидејќи само така можеме да го спречиме ширењето на ковид-19. Да се заштитиме себеси и нашите најблиски. Со почитувањето на мерките, сите придонесуваме за зачувување на јавното здравје – дополни Царовска.
Први октомври наместо први септември. Далечинско учење наместо конвенционална настава. Учебна година во која сите чинители во образовниот процес имаат една заедничка цел – спроведување на процесот на едукација и зачувување на здравјето на учениците и студентите преку почитување на предвидените здравствени мерки и протоколи.

– Оваа необична учебна година по многу нешта ќе се разликува од сите досегашни, но едукацијата е клучен фактор за развој на здраво општество и неминовно е да се направи адаптација кон новото нормално, имајќи го предвид најважното – здравјето на студентите. Во таа насока дадовме мал придонес кон адаптација на новите услови во студентските и училишните домови донирајќи антисептици и средства за дезинфекција. На сите ученици и студенти би сакал да им посакам успешен почеток и добро здравје. Почитувајте ги мерките за заштита и чувајте се – истакна генералниот директор и претседател на УО на „Алкалоид АД Скопје“, Живко Мукаетов.
Донацијата што „Алкалоид“ ја намени за студентските и училишните домови во Скопје се состои од 16.000 литри антисептички средства (гел „медикал“ и полиалкохолен раствор „екосал форте“) и 17.100 литри готов раствор за чистење и дезинфекција „дезинтал 0,2%“, во вкупен износ од близу 5 милиони денари.