Министерката за труд и социјална политика (МТСП), Јагода Шахпаска, денеска го претстави Предлог-граѓанскиот буџет на ресорното министерство за 2022 година, кој изнесува 50,6 милијарди денари. Шахпаска истакна дека 2022 ќе биде година на економско закрепнување, забрзување на растот преку капитални инвестиции. Таа очекува бројот на социјални случаи, кој во моментов е 35.000, поради пандемијата да се зголеми за уште 5.500. Но напомена дека системот е подготвен и ќе обезбеди средства за сите семејства коишто се во социјален ризик.
– Во предлог-буџетот на МТСП средствата наменети за капитални инвестиции се зголемени за речиси 100 отсто. За капитални инвестиции предвидени се 195,5 милиони денари, од кои за градежни работи 177 милиони, а за опремување 18,5 милиони денари. Предучилишното образование е особено важно за правилниот раст и развој на децата на возраст од 0 до 6 години и затоа МТСП продолжува со изградба на нови градинки и проширување на капацитетите на веќе постојните – истакна Шахпаска.
Таа нагласи дека секое дете е подеднакво важно и затоа МТСП продолжува да гради градинки и во руралните средини.
– Следната година ќе заврши изградбата на 10 детски градинки и тоа во општина Чаир за 350 деца, Росоман, Ерџелија, Карпош и Битола за 150 деца, Липково, Арачиново, Пробиштип, Валандово. Со градба почнува и градинката во Гостивар во која ќе бидат сместени 100 деца, а со поддршка на ИПА фондови, ќе бидат изградени две градинки во Теарце и Тетово. Продолжува и изградбата на Домот за стари лица ‘Нада Михајлова’ во Пробиштип со капацитет за 55 корисници. Во Општина Чашка и село Палчиште во општина Боговиње, градиме дневни центри за лица со телесна и интелектуална попреченост. За непречено финционирање на градинките и институциите за сместување на стари лица предвидени се блок дотации во износ од 2 милијарди и 85 милиони денари – нагласи министерката.
Во буџетот, за социјални надоместоци, предвидени се 11,6 милијарди денари за околу 300 илјади корисници.
– Во моментов 35.500 семејства се приматели на гарантирана минимална социјална помош. Обезбедени се средства за исплата на детски додаток кој во моментот го користат 47 илјади деца и образовен додаток кој го користат околу 30 илјади ученици и студенти – рече Шахпаска.
Таа информира дека во 2022 година ќе се воспостават пет нови специјализирани сервиси за жени жртви на насилство и тоа во Куманово еден, во Кичево и Гостивар по два.
– Обезбедени се средства за лични асистенти за лица со попреченост од 6 до 64 години, кои ќе им помагаат во извршување на секојдневните активности и инклузија во општеството. Преку системот за социјална заштита, обезбедни се средства за стари лица – пензија која во моментов ја примаат околу 9.500 граѓани – рече Шахпаска, напоменувајќи дека Владата ја гарантира стабилноста на пензискиот системот во 2020 година за што се предвидени 30 милијарди денари кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Во буџетот на МТСП предвидени се и средства за намалување на стапката на невработеност, која се реализира преку активни мерки и програми. За таа намена МТСП трансферира 400 милиони денари за Агенцијата за вработување.
– Целта е активно вклучување на пазарот на трудот на долгорочно невработени лица, ранливи групи, Роми, жени и млади невработени лица, на лица кои им престанал работниот однос поради пандемијата – рече министерката.
Таа, меѓу другото, соопшти дека е во финална фаза законското решение со кое се воведува татковско родителско отсуство.
– Ова законско решение е во финална фаза со последните консултации коишто ги правиме со социјалните партнери и многу брзо, се надевам до крајот на месецов ќе ја отвориме јавната дебата за траењето и условите на породилното отсуство. Сакам да истакнам дека воведуваме новина. Воведуваме татковско родителско отсуство. Значи, и таткото ќе учествува во грижата за детето во првата година од неговиот живот – информира министерката за труд и социјална политика.