Предлог-верзијата на законот за потекло на имот, кој првпат се носи во нашата држава, ќе се однесува на сите граѓани, а се разбира и на функционерите. Предлагачот верува дека со овој закон ќе се воведе контрола на капиталот, ќе се отвори патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и би се спречило незаконското богатење, а наедно, ќе се детектира и ќе се намали сивата економија… Што сметаат, пак, експертите, на кои им е позната предлог-верзијата на законот, а и мерките предвидени во него?
Осврт на прашањето за конфискација на нелегално стекнат имот и незаконско богатење
Владата деновиве најави нови мерки за борба против корупцијата, а една од најзвучните е дека „ќе се конфискува имотот на сите оние што нема да можат да го докажат потеклото на имотот во вредност над 30 илјади евра стекнат претходната година“!
Закон за потекло на имот, првпат…
Гореспоменатата клаузула ја предвидува предлог-верзијата на законот за потекло на имот, кој првпат се носи во нашата држава. Законот ќе се однесува на сите граѓани, како и на функционерите. Од Владата велат дека со овој закон ќе се детектира и намали сивата економија, ќе се воведува контрола на капиталот, со што се отвора патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и би се спречило незаконското богатење. Ваквите предлог-законски мерки, во јавноста предизвикаа силно раздвижување, одобрувања и негодувања, дилеми и дополнителни прашања. Дали токму овие мерки ќе го овозможат толку потребното доследно следење на парите и утврдување дали и каде има нелегално стекнат имот? Дали досегашните закони и работата на институциите не се спроведуваат доследно, па институционалната нефункционалност достигнала кулминација? Дали овој пат ќе биде погоден иновативниот начин за изнаоѓање мерки за спречување даночна евазија, за прикривање средства, неплаќање даноци, односно за сузбивање на сивата економија? За сите овие прашања и дилеми, „Нова Македонија“ побара мислења од соговорници од областа на правото, економијата, бизнисот и академската фела, како и од надлежните органи што се предлагачи на законот.
Врти-сучи, пак сѐ ќе зависи од функционалноста и ефикасноста на институциите
Според универзитетскиот професор по економија, Ванчо Узунов, креирањето на законот за потекло на имот треба да овозможи подоследно следење на парите и утврдување дали и каде има нелегално стекнат имот, но тоа на еден начин е и показател дека досегашните закони и работата на институциите не се спроведуваат доследно, па се потребни дополнителни законски решенија.
– Според мене, воведувањето на еден ваков закон има логика, бидејќи ако некое лице има имот чие потекло не може да го објасни, сосема логично упатува на заклучок дека тој имот е стекнат нелегално. Лимитот од 30 илјади евра сметам дека не е многу висок, веројатно е потребна некаква рамка за да можат службите, инспекторите да ги следат средствата, бидејќи ако се следи секоја сума што изгледа нелегална ќе изгубат многу време и може да се случи да не успеат да ги откријат навреме вистинските случаи каде што е направена некаква проневера.
Сметам дека недостаток е што и во овој случај сѐ ќе зависи од институциите и нивните можности, или нивната подготвеност да го спроведуваат законот. За жал, лицата што сакаат да манипулираат, кои не сакаат да ги прифатат правилата на игра, повторно ќе изнаоѓаат начини да го прават тоа, но затоа државата и институциите мора да се иновативни и да изнаоѓаат мерки за да го спречат овој процес на затајување даноци, на прикривање средства, неплаќање даноци, односно да ја сузбијат сивата економија – објаснува Узунов.
Според него, на еден начин, со овој закон иницијално се признава дека институциите не функционираат, дека не успеваат да ги фатат оние што се обидуваат и што прикриваат даноци, па затоа сега се воведува закон што дополнително ќе придонесе за намалување на сивата економија, но повторно ќе зависи од можноста инспекциските служби да сработат навремено.
– За жал, сметам дека како и секој друг закон, така и овој, лицата што сакаат, ќе најдат начини да го изманипулираат. Во нормална држава не може да се стекне имот без докази каде и како се заработени средствата, односно како е стекнат имотот, што не е правило и во нашата земја. Но ова би требало да биде соодветно решение, додека да профункционира системот.
Има многу методи што во светот се применуваат за намалување на сивата економија, но еден од проблемите поради кои кај нас не се намалува лежи во слабата институционална моќ. Институциите треба поревносно да си ја вршат својата работа, можеби и да се зголемат санкциите, но не сакаме со нив да се предизвика контраефект, па да престанат да функционираат и дејностите што работат легално, а се плашат од казни, или кои поради невнимание не спровеле сѐ во согласност со законите. Еден од ефикасните начини за сузбивање на сивата економија е преку забрана за плаќање во кеш. Во тој случај сѐ ќе се плаќа електронски, а за него има записи што покажуваат каде патувале парите. Основно правило за сузбивање на сивата економија или, пак, на даночната евазија е следи ги парите. Но бидејќи плаќањето во готовина не може да се следи, најдобро решение е поголем дел од плаќањата, или трансакциите на парите, да се одвива електронски – потенцира Узунов.
Наедно професорот посочи дека корумпираноста, или прикривањето даноци, сивата економија би се намалиле кога граѓаните ќе сфатат дека таа не се исплати, дека на тој начин си правиме штета на самите себеси и на околината во која живееме, но и кога казните ќе бидат поголеми од користа од избегнување на даноците.
– На некој начин, со одлуката да не се плаќаат даноци или други прикривања, носителите носат бизнис-одлука, позната како рационален криминал. Лицето е свесно за одлуката што ја носи, за казната што може да следува и одлучува да ја спроведе бидејќи казната е веројатно помала и ќе може да ја покрие и затоа ги заобиколува правилата. Со текот на времето се подобрува ситуацијата, но не со таа брзина со која сакаме, а колку време отсега ќе биде потребно да се намали сивата економија, не би можел да кажам, бидејќи спроведувањето на законите повторно зависи од институциите и нивна доследна примена. Генерално сметам дека треба да се промени менталитетот, сфаќањата кај народот дека не се исплати да се избегнува плаќањето даноци или други манипулации. За да биде уште полошо, низ нашиот народ сѐ повеќе се верува и се смета дека е подобро да се избегнат законите отколку да се почитуваат, и ваквото гледиште сѐ повеќе се шири меѓу младите, и меѓу средните генерации, додека повозрасните лица речиси никогаш не се осмелуваат да прекршуваат закони – потенцира професорот Узунов.
– Во Македонија сите се свесни дека има корупција и сива економија и дека преку матни бизниси се перат пари и се трупа богатство. Оваа мерка нема да го загрози енормното трупање богатство што се врши на законски начин. Но се разбира, како и со многу други мерки, таа може да се користи и во политичките пресметки. Затоа не треба меркава да остане само на хартија и треба да се спречат сите матни бизниси да не продолжат непречено да оперираат – истакнува економскиот аналитичар Здравко Савески.
Што се однесува до светските трендови, тој вели дека ние сме далеку од модерните дискусии што се одвиваат во светот.
– Во светот сѐ погласни се барањата да запре дивеењето на капиталот, кој под паролата на слободата на претприемништвото, создава незапаметен јаз во нееднаквоста, предизвикува кризи и ја поткопува демократијата – смета Савески
Слични законски решенија во Литванија, Англија, Србија, Бугарија…
За законот за потекло на имот, „Нова Македонија“ побара одговори и од кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, кој потенцира дека во законот критериумите се јасни, секој што не може да докаже потекло на имот, истиот тој ќе му биде конфискуван. Тој дополни дека испитувањето ќе го врши специјализирано одделение во финансиската полиција, а во докажувањето на потеклото на имотот ќе се применуваат и одредби од други релевантни закони.
– Напоменавме дека законот ќе се однесува за сите граѓани, а критериумите се јасни, секој оној што има несразмерно зголемување на имотот, односно го надминува прагот од 30.000 евра во денарска противвредност од своите пријавени и оданочени приходи, ќе треба да го докаже потеклото на стекнатиот имот во граѓанска парнична постапка, а испитувањето ќе го врши специјализирано одделение во финансиската полиција. Постапката за испитување на потеклото на имотот е насочена кон проверка и докажување на потеклото на имотот и начинот како е стекнат, без разлика на чие име е впишан, и во оваа постапка ќе се применуваат одредбите од другите релевантни закони. Имено, ако имотот е впишан на име на малолетно лице, тоа лице има законски застапник – старател – објаснува Николовски.
Тој посочи дека прагот од 30 илјади евра за недокажан имот е поставен врз основа на состојбите во нашата земја и посочи дека примерите низ светот за вакви ситуации се различни.
– Компаративната пракса е различна, од 25.000 илјади евра во Литванија, 50.000 фунти во Велика Британија, па до 150.000 евра во Србија. Работната група зема предвид разни параметри и со оглед на нашите услови сметаше дека предложеното решение одговара на целта на законот. На изработката на законот му претходеше физибилити-студија изработена од страна на странски експерти, која содржеше компаратива анализа на слични законски решенија во Европска Унија и во регионот, а ги утврди и недостатоците на постојниот систем на нашата држава. Вакви слични законски решенија има во Литванија, Англија, Србија, Бугарија – додава Николовски.
Како што објасни тој, неформалната економија продуцира дополнителни средства што се пуштаат во оптек за различни намени, меѓу кои и за последователни коруптивни поткупувања и ваквите средства кога ќе се најдат на сивиот пазар се трошат нерационално, бидејќи се стекнуваат на начин преку кој се заобиколуваат поставените правила и процедури и позитивната законска регулатива.
– Штетата од неформалната економија предизвикува и штета кон давањето на јавните услуги кон граѓаните, поради фактот што овие средства се користат и за забрзано добивање услуги од страна на несовесните поединци пред институциите на системот. Со ова законско решение ќе се стави крај за незаконското богатење врз грбот на граѓаните – потенцира Николовски.
Какви се искуствата во светот во врска со регулирањето на прашањето на потеклото на имотот
Досегашните искуства во светот покажуваат дека не постои еднообразност во пристапот, односно во регулирањето на прашањето на потеклото на имотот. Некаде тоа е опфатено со повеќе закони, а во некои држави постојат посебни закони за потеклото на имотот. Сепак, она што е заедничко за повеќето држави, вклучувајќи ја и нашата држава, е тоа дека за да се спречи незаконското богатење, во секој правен систем се воведуваат механизми за контрола и проверка на имотот и приходите…
Во САД и без постоење посебен закон, даночната служба поведува постапка за испитување на потеклото на имотот на граѓаните – даночни обврзници, а санкциите се драстични доколку се покаже дека имотот е стекнат на незаконски начин.
За искуствата во регионот, има податоци дека конкретно во Србија е донесен закон за испитување на потеклото на имотот на 29 февруари 2020 година, а стапил во сила на 11 март 2020 г. Според законот, проверката на имотот ја врши посебен оддел во УЈП, и тоа за сите лица што три години по ред имаат разлика над 150.000 евра помеѓу пријавениот и зголемениот имот. Иако законот е донесен, сѐ уште не е започната неговата примена, освен што независните медиуми и невладините организации што се занимаваат со спречување корупција, откриваат случаи на енормно зголемување на имотот на одредени функционери и бизнисмени. Во Хрватска, во 2019 година бил подготвен предлог-закон за испитување на потеклото на имотот и одземање на незаконски стекнатиот имот, со кој се предлага да се испита имотот на одредено лице пет години наназад. Во Црна Гора, една од партиите од коалицијата што победи на изборите и ја состави новата влада, уште пред изборите подготвила предлог-закон за испитување на потеклото на имотот, кој ќе ги опфати сите лица чиј имот надминува 200.000 евра, без разлика дали се функционери или не.
Целта на законот, според образложението, е да се испита првенствено имотот на олигарсите во оваа земја. Испитувањето на потеклото на имотот го врши даночната управа.
Во ЕУ овој проблем го решаваат со замрзнување, а потоа и одземање на имотот. Европската комисија прво го претставила предлогот за меѓусебно признавање на налозите за замрзнување и конфискација на 21 декември 2016 година. Регулативата била објавена во „Службениот весник на Европската Унија“, по формалното усвојување од страна на Советот и Европскиот парламент на 14 ноември 2018 година. Од 19 декември 2020 година се применува регулативата за заемно признавање налози за замрзнување и конфискација. Замрзнувањето на средствата значи привремено задржување на имотот, во очекување на конечна одлука во случајот. Ова значи дека сопственикот не може да располага со средствата пред да се затвори случајот. Конфискацијата е последна мерка дизајнирана да ги спречи криминалците да пристапат до имотот добиен со кршење на законот, а отпосле имотот се одзема трајно.
Петранка Огнаноска
Катерина Михајлова