Од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка реагираат дека со затворањето на банката тие се оставени без лични парични средства.
– Се работи за илјадници семејства кои се погодени и фирми кои во ова време на пандемија се соочија со проблеми со ликвидност и затворање. Верувавме во систем којшто не заштитува, ги доверивме нашите тешко заработени средства во финансиска институција лиценцирана, регулирана и контролирана од Народна банка – велат оштетените штедачи.
Тие додаваат дека се соочуваат со уште една неправда.
– Еднаш покрадени од организираната кражба на нашите депозити во Еуростандард банка и сега повторно покрадени во стечајната постапка. Согласно член 163 став 3 од Законот за банки, на државниот Фонд за осигурување на депозити му се дава првенство, односно монопол во наплата на побарувањата во однос на физичките и правни лица депоненти на банка во стечај, кои на ваков начин се ставени во нерамноправна положба и се директно оштетени – информираат од здружението.
Додаваат дека се, како што велат „уникатен пример за рушење на темелните вредности на уставниот поредок на државата“.
Според нив, јавноста треба да знае дека ниту една од 2.000 фирми депоненти на банката не добила ниту денар обештетување од Фондот.
Велат дека единствена институција во државата која може и треба да ја реши ситуацијата е Уставниот суд.
– Во пресрет на седницата на Уставниот суд, што е закажана да се одржи оваа среда, на којашто како прва точка од дневниот ред е ставена иницијативата за оценка за уставноста и законитоста на предметниот член од Законот за банки, Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи“ сака јавно да изрази надеж во владеење на правото и заштита на темелните вредности на оваа држава заштитени со Устав – информираат од здружението.