Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека со американскиот претседател Доналд Трамп дискутирале за создавањето безбедносна зона која Турција ќе ја постави долж границата со Сирија, пренесува „Ројтерс“.
Трамп, кој неодамна го објави повлекувањето на американската војска од Сирија, на својот твитер-профил соопшти дека ќе биде создадена безбедносна зона во Сирија, без да даде дополнително објаснување.
– Безбедносната зона, која ќе биде долж нашата граница со Сирија, е нешто за што јас дадов предлог уште од времето кога Обама беше на власт – изјави Ердоган, додавајќи дека зоната ќе биде долга околу 32 километри.
Турција вети дека ќе ја продолжи борбата против Исламската држава во Сирија, по повлекувањето на американските трупи. Меѓутоа, разликите во ставовите на Вашингтон и Анкара во врска со курдските воени сили, повторно ги вжешти односите помеѓу двата партнери во НАТО.
Телефонскиот разговор помеѓу двата лидера се случил вчера откако Трамп се закани со економска пропаст на Турција доколку турските сили ги нападнат курдските.
Заканата на Трамп, исто така, предизвика загриженост кај инвеститорите и предизвика пад на вредноста на лирата за 1,6 проценти. Во телефонскиот разговор, Трамп и Ердоган постигнаа спогодба и за подобрување на економските врски.
– Турција ќе продолжи да го прави она што е потребно со цел да го реши ова прашање во името на нашето сојузништво. Постигнавме историска спогодба со Трамп минатата ноќ – истакна турскиот претседател.