Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Законот за државјанство на Република Македонија нема услов апликантот да биде психофизички здрав за стекнување државјанство. Ваква одредба беше предвидена со Законот за државјанството на Република Македонија од 1992 година, меѓутоа во 2004 година со измени во Законот за државјанството на Република Македонија овој услов за стекнување државјанство беше укинат, информираат од Министерството за внатрешни работи

Забрана за влез во државата, држави што не даваат дозволи за работа и престој, дури и депортирање се најчестите дискриминаторски пречки со кои се соочуваат лицата со ХИВ. Ваквите забрани за лицата со ХИВ постојат во повеќе од 50 држави низ светот. Најчесто лицата со ХИВ добиваат ограничено време за престој, но има и држави каде што воопшто не им дозволуваат влез на лица со ХИВ и ги депортираат странците за кои ќе констатираат дека имаат ХИВ. Ваквите рестрикции беа наголемо прифатени од државите во раните 1980-ти години, кога немаше многу информации за ХИВ и начинот на неговото ширење. И покај медицинскиот напредок во третирањето и живеењето со ХИВ, рестрикциите и дискриминацијата за луѓето со ХИВ остануваат.

Македонија не е една од земјите дискриминатори на лицата со ХИВ. Во Законот за државјанство на Република Македонија нема услов апликантот да биде психофизички здрав за стекнување државјанство.

– Ваква одредба беше предвидена со Законот за државјанството на Република Македонија од 1992 година, меѓутоа во 2004 година со измени во Законот за државјанството на Република Македонија овој услов за стекнување државјанство беше укинат – информираат од Министерството за внатрешни работи.
Од невладината организација „Хера“ информираат дека досега немаат пријавено случај на дискриминација поврзана со ХИВ при добивање државјанство или барање за престој во земјава.

– Вакви практики има во многу земји во светот и истите тие се неоправдани и дискриминирачки кон лицата со ХИВ, особено ако знаеме дека животот со ХИВ е нормализиран, се живее еднаков животен век како без ХИВ, благодарение на терапијата. Ваквите практики може да се оправдаат ако се случувале во почетоците на 1980-тите години кога луѓето навистина не знаеле како се пренесува. Денес знаеме дека не само што не се пренесува преку социјални контакти, туку и преку секс со кондом не може да се пренесе доколку лицето со ХИВ зема постојано терапија и има немерливо ниво на вирусот. Во 2018 година, 38 години по појавувањето на ХИВ, во најмала рака е апсурдно ХИВ-статусот да биде користен како услов за добивање државјанство или дозвола за слободно движење. За жал, вакви примери постојат денес и во развиените земји, кои итно треба да се сменат затоа што лицата со ХИВ имаат право за слободно движење, ХИВ не е карантинска инфекција и секако лицата со ХИВ не претставуваат никаква опасност за другите луѓе – велат оттаму.

Според статистиката што ја имаат тие, во Македонија, околу 400 лица живеат со ХИВ. Од нив, 40 лица се откриени оваа година.

Од нив, околу 45 проценти не го знаат својот ХИВ-статус, односно не се свесни дека имаат ХИВ. Од невладината организација „Хера“ велат дека колку повеќе лицата што живеат со ХИВ се свесни за тоа, толку повеќе од нив ќе примаат терапија, а кога примаат терапија, нема да бидат преносители на вирусот.

Според нив, Македонија е една од ретките земји што успешно се справува со епидемијата на ХИВ.

– Од 2004 година досега континуирано се инвестира во развивање и одржување сервиси за превенција и грижа од ХИВ кај ранливите и групите засегнати од ХИВ. Од оваа година државата целосно ги финансира програмите за ХИВ-тестирање, мобилни и стационарни сервиси за дијагноза и третман на СПИ, сервиси за намалување на штети од превенција на дроги и превенција, психосоцијална поддршка на лица со ХИВ, бесплатна дистрибуција на кондоми и лубриканти кај ранливите групи, кои беа воспоставени со донаторска поддршка изминатите 11 години. Од друга страна, терапијата за ХИВ е достапна и бесплатна за сите лица со ХИВ во државата – информираат оттаму.

Од Министерството за здравство велат дека почнувајќи од 1987 година, заклучно со декември 2017 година, во земјава се пријавени вкупно 403 случаи, а во истиот период се регистрирани и 99 смртни случаи асоцирани со ХИВ. Во 2018-та (до првата половина на декември) се пријавени 44 нови случаи, сите се лица од машки пол на возраст од 21 до 50 години. Од случаите во 2018-та, 84 проценти се на возраст до 39 години.

– Министерството за здравство направи голем чекор напред успешно продолжувајќи ги воспоставените програми за заштита од ХИВ, во рамките на Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција, во која се обезбедени 37 милиони денари за антиретровирусна терапија и 52 милиони денари за превенција и за рано откривање на ХИВ-инфекцијата. Со Програмата за заштита на населението од ХИВ за 2018-та се предвидени и реализирани низа мерки и активности за превенција на ХИВ кај клучни популации засегнати од ХИВ. Активностите се имплементираат од страна на граѓански здруженија што работат со овие популации. Со програмата за заштита на населението од ХИВ за 2018-та до средината на месец декември се опфатени 10.500 лица од клучни популации, извршени се повеќе од 3.350 ХИВ-тестирања, поделени се 27.500 кондоми и 70.000 информативни материјали. Република Македонија оваа година беше препознаена, не само во регионот, туку и во глобални рамки, како земја пример за успешно партнерството помеѓу Владата, институциите и граѓанскиот сектор во справувањето со еден комплексен проблем како што е ХИВ-инфекцијата, во согласност со препораките на Обединетите нации. Продолжуваме континуирано да работиме да ги унапредиме и другите аспекти во однос на ХИВ-инфекцијата – истакна министерот Филипче, а наедно ги повика граѓаните да се тестираат, имајќи предвид дека тестирањето е доброволно, доверливо и бесплатно во Клиниката за инфективни болести, центрите за јавно здравје и граѓанските организации, кои работат на полето на ХИВ – информираат од Министерството за здравство.


Во 141 држава нема забрани за лицата со ХИВ
Во 51 држава има рестрикција за влез, престој и давање државјанство на лицата со ХИВ
Во 49 држави има рестрикции за престој подолг од 90 дена
Во 14 држави има рестрикции за престој помал од 90 дена
Во 19 држави ги депортираат лицата со ХИВ
Во 9 држави не дозволуваат никаков влез за ХИВ