Изложбата на скулптури „Сензитивна интроспекција“ на македонскиот уметник проф. д-р Слободан Милошески утре, 28 ноември, во 15 часот ќе биде отворена во галеријата „Арт рум“ (ART ROOM) во Диселдорф, Германија.

Поставката содржи 16 скулптури од галериски формат, изработени од инокс во текот на последните неколку години. Делата го истражуваат односот меѓу скулптурата, просторот, светлината и гледачот, при што рефлектирачките површини создаваат променливи визуелни доживувања.

– Оваа поставка не е изложба во класична смисла на зборот, туку дестабилизирачки апарат на перцепцијата – поле во кое скулптурата се откажува од својата објектност за да стане настан, трага, одложување. Она што се појавува пред нас не е форма, туку процес на нејзино постојано исчезнување и повторно појавување – пишува проф. м-р Страхил М. Петровски во критиката за изложбата.

Според него, скулптурите на Милошески не постојат како затворени целини, туку како променливи констелации на светлина, агол и присуство, кои се активираат во однос со гледачот, просторот и времето.

Слободан Милошески е роден во Охрид во 1977 година. Дипломирал на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година, а во 2009 година завршил и на Вајарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. На истиот факултет магистрирал во 2011 година, а во 2018 година докторирал на Катедрата за скулптура при Националната уметничка академија во Софија.

Досега реализирал 40 самостојни изложби и учествувал на повеќе од 100 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 18 награди и признанија, меѓу кои наградата за скулптура „Јордан Грабул“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура во мал формат „Димо Тодоровски“ во 2014 година, наградата за современа скулптура „Боро Митриќески“ во 2021 година и наградата „Адем Кастрати“ на КИЦ – Скопје.

Милошески е автор и на повеќе скулптури и спомен-обележја во јавниот простор, меѓу кои скулптурите на Живко Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев и Јоаким Крчоски, спомен-обележјето на Првото заседание на АСНОМ, како и „Секвенци на рефлексија“ во Младинскиот културен центар во Скопје.

Член е на ДЛУМ од 2009 година, а од 2023 до 2025 година бил дел од Управниот одбор на Друштвото. Работи како професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што од 2025 година ја извршува функцијата декан.