„Нема да ви се верува што се случи претходно“: Гротескната анатомија на едно општество во распаѓање

Рецензија

Со својот долгометражен филм „Нема да ви се верува што се случи претходно“, Срѓан Јаниќијевиќ се впушта во естетска и драматуршка дисекција на едно општество чија институционална, политичка и морална дезинтеграција одамна ги надминала границите на општествената патологија. Во светот што го конструира режисерот, корупцијата не е изолиран феномен, криминалот не претставува исклучок од воспоставениот поредок, а политичката неодговорност не е само последица на индивидуалните морални слабости. Сите тие се дел од систем на функционирање во кој отсуството на одговорност станува основен механизам на моќта, а човечкото достоинство се сведува на категорија што лесно се разменува за личен интерес.
Иако драматуршката конструкција се потпира врз елементите на политичкиот трилер, Јаниќијевиќ не се задоволува со репродукција на жанровските конвенции, туку ги сместува во специфичен локален контекст во кој криминалното подземје, политичките структури и институционалната моќ се испреплетуваат во една единствена мрежа на интереси.
Филмот ја започнува приказната со смртта на велосипедистот, кој е гонет од камион низ осамен планински предел. Овој настан, кој првично изгледа како изолиран чин на насилство, постепено се претвора во драматуршко јадро околу кое се организираат другите случувања. Во временски распон пократок од едно деноноќие, индивидуалните судбини се вкрстуваат, а навидум неповрзаните ситуации почнуваат да ја откриваат структурата на едно многу пошироко безредие. Веќе во најавната шпица Јаниќијевиќ ја воспоставува својата режисерска концепција преку испреплетувањето на филмската слика и дигиталната комуникација. Камерата лебди над градот, додека пораките што се појавуваат на екранот ги откриваат фрагментите од секојдневието, личните фрустрации и општествените аномалии на неговите жители. Дигиталниот простор станува продолжение на општествената стварност, но и нејзина деформирана рефлексија. Секојдневието се претвора во непрекинат проток на информации, скандали, коментари и краткотрајни емоционални реакции, при што суштината на настаните постепено се губи под притисокот на нивната медиумска експлоатација.
Една од најзначајните драматуршки линии се развива преку ликот на Бодан, во интерпретација на Никола Ристановски, новинар чиј антиестаблишментски став го доведува во непосреден судир со политичките структури на моќта. Контроверзниот видеоматеријал поврзан со премиерот, кој доаѓа во негови раце, ја активира лавината од настани и го вовлекува во ситуација во која професионалниот интегритет, личните интереси и инстинктот за преживување се судираат со логиката на системот. Бодан е лик преку кој филмот ги проблематизира кризата на современото новинарство, неговата општествена функција и можноста за зачувување на критичката дистанца во амбиент на политичка контрола, манипулација и морална компромитација.
Новинарството, кое би требало да претставува еден од механизмите на демократската контрола, се наоѓа во состојба на професионална и етичка ерозија. Прашањето веќе не е само дали вистината може да биде објавена, туку и дали во општество навикнато на сензационализам, медиумска амнезија и политички спектакл таа сè уште може да предизвика каква било последица.
Бодановата приватна и семејна реалност дополнително ја усложнува неговата позиција. Односите со трансродовиот тинејџер Ангел, поранешната сопруга и актуелната партнерка ја отвораат темата на предрасудите, хомофобијата и семејната отуѓеност, внесувајќи ја општествената патологија во најинтимните простори на човековото постоење. Личниот живот не е изолиран од политиката,
бидејќи идеолошките предрасуди и општествените механизми на исклучување продолжуваат да дејствуваат и во приватната сфера.
Паралелно се развива и ликот на Софија, толкуван од Дарја Ризова, чија мотивација за дејствување произлегува од личната трагедија и потребата за соочување со неправдата. Нејзината позиција внесува дополнителна морална и психолошка димензија во филмот, бидејќи ја проблематизира границата меѓу личниот интерес и јавната одговорност. Реченицата „Виновен си ако умреш тука, а не ако си роден“ е една од најпрепознатливите констатации во филмот. Таа ја надминува конкретната драматуршка ситуација и се претвора во своевидна дијагноза на општеството во кое местото на раѓање може да се доживее како доживотна пресуда. Во неа се содржани бесперспективноста, чувството на историска и егзистенцијална заробеност и фрустрацијата на цели генерации.

Тука филмот ја напушта територијата на конвенционалниот политички трилер и навлегува во пошироката сфера на егзистенцијалната драма. Прашањето за останувањето или заминувањето не е само социјална или економска категорија. Тоа прераснува во суштинско прашање на идентитетот, припадноста и достоинството.
Во мозаичната структура на филмот, ликовите на Шуте, Деки, Ева и полициските службеници постепено се вклопуваат во пошироката слика на општествената дезинтеграција. Нивните меѓусебни односи ја откриваат испреплетеноста на политиката, криминалот и институционалната неодговорност, додека обичниот граѓанин останува заробен во позицијата на пасивен набљудувач. Народот, како колективен субјект, постојано е изложен на нови афери и политички спектакли, но неговата реакција е краткотрајна, речиси рефлексна. Еден скандал го заменува претходниот, една трагедија ја потиснува другата, а механизмот на општествената амнезија продолжува да ја одржува привидната нормалност.
Овој аспект на филмот е особено важен бидејќи ја проблематизира врската меѓу информацијата и општествената свест. Во современиот медиумски амбиент, во кој секој настан е потенцијален спектакл, вистината често ги губи својата трајност и критичка моќ. Скандалот станува производ со ограничен рок на употреба, а јавната реакција се сведува на моментална возбуда без посериозни политички последици. На тој начин филмот ја допира и пошироката криза на современата демократија, во која информираноста не подразбира и освестеност, а непрекинатата циркулација на содржини може да произведе рамнодушност наместо отпор.
Посебно впечатлива е завршната секвенца, структуирана како гротескна „Тајна вечера“, во која тавче-гравчето, оперското пеење и кичот се спојуваат во надреална слика на моралното распаѓање. Овој момент ја открива режисерската наклонетост кон апсурдот и црната комедија, а асоцијацијата со творештвото на Дејвид Линч се наметнува преку судирот меѓу препознатливото секојдневие и неговата вознемирувачка деформација. Сцената функционира како своевиден ритуал на колективното соучесништво, во кој општествените маски ја откриваат вистинската природа на оние што ги носат. Кичот престанува да биде само естетска категорија и се претвора во политичка метафора, во визуелна форма на реалноста во која апсурдот одамна ја презел функцијата на нормалното.

Во таа завршна секвенца се содржи и најдлабоката морална противречност на филмот. Нема едноставна поделба на невини и виновни, на херои и злосторници, на оние што го создаваат безредието и оние што се обидуваат да му се спротивстават. Секој лик носи сопствен товар од компромиси, стравови и калкулации. Дури и отпорот е изложен на опасноста да ги преземе методите на сопствениот противник, а моралната позиција на поединецот постојано се преиспитува во судирот со стварноста. Токму оваа амбивалентност го ослободува филмот од едноставна политичка декларативност и му дава дополнителна драматуршка тежина.
Актерскиот ансамбл ја поддржува мозаичната структура преку галерија од карактери чии индивидуални судбини се поврзани со поширокиот општествен контекст. Никола Ристановски го носи ликот на Бодан со препознатлива актерска енергија, додека присуството на Сашко Коцев, Тамара Ристовска, Дарја Ризова, Оливер Митковски, Сара Сандева и другите актери ја збогатува оваа галерија од противречни човечки карактери. Различните актерски темпераменти придонесуваат за чувството на постојана нестабилност, во која приватните и јавните конфликти се судираат без можност за едноставно решавање.
Особен придонес кон естетската кохерентност на филмот имаат музиката и звучниот пејзаж, компонирани од нашиот познат и меѓународно афирмиран композитор Игор Василев–Новоградска. Неговата музичка концепција функционира како звучна придружба на драматуршките случувања, а и како самостоен изразен слој што ја продлабочува психолошката напнатост и ја артикулира специфичната атмосфера на општествена дезориентација. Звучната структура е внимателно усогласена со потребниот гротескен и повремено надреален тон на филмот, создавајќи впечатлива кореспонденција меѓу визуелниот и аудитивниот израз. Притоа, музичкиот јазик прикажува афинитет за современите светски филмски текови, без да ја изгуби сопствената авторска препознатливост.
„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е филм што ја претвора препознатливата македонска општествена стварност во жанровска гротеска, користејќи ги механизмите на политичкиот трилер, црната комедија и надреалната атмосфера за да ја открие нејзината поткопана морална структура. Насловот, кој потсетува на сензационалистичкиот јазик на современите медиуми, функционира и како ироничен коментар на цивилизацијата на моменталното внимание, во која секоја нова сензација го потиснува претходниот настан, без притоа да ги реши неговите последици. Она што на прв поглед изгледа како низа неверојатни случувања, постепено се открива како вознемирувачки препознатлива слика на општеството.
Со својот дебитантски долгометражен игран филм, Срѓан Јаниќијевиќ отвора простор за жанровско и естетско преиспитување на македонската кинематографија, демонстрирајќи интерес за сложени наративни конструкции и општествено ангажирана филмска поетика. Неговото остварување не нуди утешна катарза, ниту едноставна морална разрешница. Надежта се појавува во можноста за индивидуален отпор, во постоењето на луѓе што одбиваат да ја прифатат логиката на колективното соучесништво и кои, и покрај свеста за последиците, продолжуваат да пливаат спроти струјата.

 

Јане Алтипармаков