TЕНИС
Синер нема да настапи на Австралија опен
Јаник Синер нема да настапи на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен во јануари, по операција на коленото. Италијанскиот тенисер, кој на тој турнир во Мелбурн ги освои титулите во 2024 и во 2025 година, не играл натпреварувачки тенис откако го освои трофејот на гранслем-турнирот во Вимблдон, во јули годинава, пишува „Би-би-си“. Во објава на социјалните мрежи, вториот светски тенисер Синер рече дека бил подложен на операција за „подобрување на состојбата на неговиот илиотибијален појас“, појас од ткиво што се протега по должината на надворешната страна на коленото, пишува „Би-би-си“.
– Редовно сме во контакт со тимот на Јаник и оттаму потврдија дека тој нема да ни се придружи на Австралија опен во јануари, по неговата неодамнешна операција – изјави извршниот директор на „Тенис Австралија“, Ендру Абдо.
Синер беше доминантен играч во првата половина од сезоната, победувајќи на 44 меча и претрпе само три порази во поединечна конкуренција. Тој освои пет титули по ред на мастерс-турнирите од серијата 1.000, помеѓу март и мај, станувајќи најмладиот тенисер што го заокружил т.н. златен мастерс во кариерата, и се врати на врвот на светската ранг-листа на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП). Тој ја заврши сезоната во почетокот на октомври и не можеше да ги одбрани поените што ги освои со триумфите на турнирите во Кина, Виена, Париз и во финалето на АТП минатата година. Н.М.
ШАХ – МЕЧ ЗА СВЕТСКАТА ТИТУЛА
Ново реми помеѓу Гукеш и Синдаров
И втората партија од натпреварот за светската титула во класичен шах, која се игра во Женева (Швајцарија), заврши нерешено, овој пат по само два часа и 20 потега, откако двајцата кандидати за титулата, Гукеш Домараџу (Индија) и Јавокир Синдаров (Узбекистан), заклучија дека позицијата не може да понуди многу за да се наруши рамнотежата, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Синдаров вторпат ги имаше белите фигури во третиот натпревар синоќа. Денеска е првиот слободен ден. Предвидени се вкупно 14 партии, а светски првак ќе стане шахистот што прв ќе освои 7,5 поени. Ако по 14 партии резултатот биде нерешен, ќе следуваат дополнителни партии со побрзо темпо на игра. Н.М.
АЛПСКО СКИЈАЊЕ
Федерика Брињоне го објави своето пензионирање
Двократната олимписка освојувачка на златен медал во алпско скијање Федерика Брињоне (Италија) го објави своето пензионирање поради тековните компликации од сериозната повреда на ногата што ја претрпе во април 2025 година, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Таа го напушта спортот како најуспешна италијанска тркачка во алпско скијање во Светскиот куп за жени со 37 победи, што ја става на осмото место на листата со победи на сите времиња, пишува Интернационалната скијачка федерација.
– Мојата нога не може да издржи уште една сезона скијачки трки и тренинг и сѐ. Долг беше патот, поминаа речиси две години во кои се обидувам да ја закрепнам ногата. Во последно време, ногата ми оди сѐ подобро, секако, но не се промени многу, особено скијањето. Пробав сѐ. Го сакам спортот. Се обидов да продолжам бидејќи бев на највисокото ниво во мојата кариера – рече Брињоне, пренесе ФИС.
Брињоне се пензионира откако триумфира на секое ниво што го нуди елитното алпско скијање, освојувајќи два златни олимписки медали, два златни медали на светските првенства и два кристални глобуси, пишува ФИС. Во кариерата на Светскиот куп што почна во 2007 година таа победи на трки и освои глобуси во три дисциплини. Н.М.
ТЕНИС – ДЕЈВИС-КУП
Италија петти пат во низа е полуфиналист
Италија – Чешка е првата полуфинална двојка на годинашниот тениски Дејвис-куп, а втората беше комплетирана синоќа, по дуелите Велика Британија – Германија и Австрија – Шпанија. Финалниот турнир се игра во Болоња (Италија).
Актуелниот трикратен победник на Дејвис-купот во низа, Италија, во четврт-финалето ја совлада селекцијата на Јужна Кореја со 2-1, а Чешка, славеше на дуелот со Канада со 2-0. Италија петти пат по ред се пласира во полуфиналето на Дејвис-купот, а во таа низа од 2022 година трофеите ги освои во 2023, 2024 и во 2025 година.
Репрезентациите на Италија и на Чешка ќе се сретнат денеска, вториот полуфинален натпревар е закажан за утре, а дуелот за трофејот на 114. издание на ова натрпеварување за тениски репрезентации е предвиден за в недела. Н.М.
































