Концептот „М картичка“ ќе им овозможи на студентите повеќе привилегии од оние што ги имаат во моментов, а во првата фаза ќе може да се користи во земјава. Во следната фаза се разгледува можноста картичката да важи и во странство, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница.
Одговарајќи на пратеничко прашање, Мицкоски појасни дека „М картичката“ ќе биде дел од апликацијата „М-услуги“, која ја развива Министерството за дигитална трансформација. Во проектот е вклучено и Министерството за образование и наука, а од следната владина седница ќе се приклучи и Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Премиерот очекува преку апликацијата студентските привилегии да се зголемат двојно или тројно, со поширок опфат од досегашните поволности.
– Убеден сум дека таа апликација ќе овозможи да се дуплираат или триплираат привилегиите што ги имаат сега студентите. Сакаме да имаме поширок концепт на привилегии што во суштина ќе го користат студентите. Да не биде тоа само во деновите што сега се определени со закон. Мислам дека сумата што ја користат е прилично недостоинствена. Нашата цел е да обезбедиме дополнителни привилегии, не само во рамките на оброкот, туку и надвор од учебната година, и тоа ќе биде дел од апликацијата „М-услуги – рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата не сака темата за субвенционираниот студентски оброк да се политизира, обвинувајќи одредени политички структури дека го прават токму тоа.
– Треба секој ден да работиме. Во оваа ера кога не можеме да ги регулираме социјалните медиуми, каде што лагата царува, можностите што ги имаме треба да ги користиме. Луѓето препознаваат и прават разлика меѓу политиканти и луѓе кои имаат државотворен капацитет и ја водат државата напред со јасна стратегија – истакна премиерот.
Мицкоски ова го изјави на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.
































