Н.Е. Џијанг Сјаојан

Обраќање на амбасадорката на НР Кина, Н.Е. г-ѓа Џианг Сиаојан, на Меѓународната конференција за поврзаност во Скопје

Балканскиот Полуостров со својата стратешка местоположба на крстопатот меѓу Европа и Азија, уште од древни времиња бил раскрсница за трговци и патници и место на средби и размена меѓу цивилизациите. Пред повеќе од две илјади години, трговската и културната размена долж древниот Пат на свилата допрела и до Балканот. Повеќе од пет века, Камениот мост на реката Вардар ги поврзува двата брега на Скопје, сведочејќи за историјата на размена, соживот и културно заемно влијание во градот. Денес, копнено-поморската експресна линија Кина–Европа и паневропските коридори се вкрстуваат токму тука, повторно претворајќи го овој регион во динамично средиште на поврзаноста.

Кина се залага за поврзаност, соработка и заемна бенефит, а истите активно ги унапредува и ги спроведува во практика. Пред само неколку дена, претседателот Си Џинпинг претседаваше со 33. состанок на економските лидери на Азиско-пацифичката економска соработка, АПЕК, во Шенџен и одржа значајно обраќање. Тој повика на изградба на азиско-пацифичка заедница заснована врз солидарност и заемна помош, отвореност и интеграција, иницијативност и иновации, како и инклузивен развој, и најави низа нови мерки со кои Кина ќе ја поддржи азиско-пацифичката соработка.

На состанокот со консензус беше усвоена Декларацијата на лидерите на АПЕК за 2026 година, во која е изложена Шенџенската визија за изградба на азиско-пацифичка заедница. Покрај неа, беа усвоени и три завршни документи за трговијата, поврзаноста и иновациите, а беа постигнати и 14 резултати на министерско ниво и 54 резултати од практичната соработка во областите на поврзаноста, иновациите, развојот и во други области. Овие резултати ѝ дадоа нов поттик на изградбата на азиско-пацифичката заедница и означија нов почеток од Шенџен. Успешното искуство на Кина во остварувањето развој преку тесна соработка со азиско-пацифичкиот регион има големо практично значење и нуди драгоцени поуки за Кина и Европа во продлабочувањето на поврзаноста и во заедничкото справување со ризиците и предизвиците.

Прво, да останеме на сигурниот пат на отвореност и соработка.

Од мало рибарско село до меѓународна метропола, и од азиско-пацифичко семејство до азиско-пацифичка заедница — отвореноста е таа што нè поврзува преку морињата, а соработката е таа што го движи заедничкиот развој. Токму тие ги овозможија приказната за успехот на Шенџен и „азиско-пацифичкото чудо“.

Индексот на отвореност на Кина продолжува да расте, вбројувајќи ја земјата меѓу водечките во светот. Денес, Кина е значаен трговски партнер на повеќе од 150 земји и региони, најголемата трговска сила во светот во размената на стоки и вториот најголем увозен пазар. Таа придонесува со повеќе од една петтина во глобалниот раст на увозот и обезбедува клучна поддршка за стабилноста на индустриските синџири и синџирите на снабдување.

Соработката во рамките на иницијативата „Појас и пат“ прерасна во најголемата и најшироко опфатната платформа за меѓународна соработка во светот и во значајно меѓународно јавно добро. Таа мобилизираше инвестиции од речиси илјада милијарда американски долари и отвори речиси 400.000 работни места за локалното население.

Кина го олесни пристапот за странските инвестиции, укинувајќи ги сите ограничувања за странски инвестиции во преработувачката индустрија. Воспостави платформи на национално ниво за економска и трговска соработка и за увоз. Воведе нулта царинска стапка за сите тарифни линии за сите 53 африкански земји со кои има дипломатски односи. Исто така, спроведе низа мерки за олеснување на патувањата, вклучително и еднострано овозможување безвизен влез или целосно заемно укинување на визите со вкупно 76 земји во светот.

Кина ќе остане цврсто посветена на изградбата на нов систем на отворена економија на повисоко ниво и ќе продолжи да ги споделува новите можности што ги носи кинеската модернизација со сите земји, вклучително и со земјите во Европа. Очекуваме европската страна да ги задржи своите пазари отворени за трговија и инвестиции и да обезбеди поволно деловно опкружување за кинеските компании што инвестираат и работат во Европа.

Второ, да го зајакнеме цврстиот столб на координација во повеќе области.

„Ако сакате благосостојба, најнапред изградете патишта.“ Потпирајќи се врз сопствените предности, Кина пробиваше патишта низ планини, подигаше мостови преку реки и градеше пристаништа долж брегот. Таа ја постави транспортната инфраструктура како појдовна точка за напредок и презеде водечка улога во остварувањето на првите конкретни резултати во азиско-пацифичкото поврзување.

И меѓу Кина и Европа има многубројни успешни примери на вакво усогласено дејствување. Товарните возови во рамките на железничката експресна рута Кина–Европа реализираа повеќе од 140.000 патувања, поврзувајќи 237 града во 26 европски земји и превезувајќи стоки во вредност од над 560 милијарди американски долари. Притоа, учеството на натоварените контејнери изнесуваше 100 проценти во текот на 50 последователни месеци.

Во Црна Гора, првиот автопат во земјата, изграден од кинеска компанија, значително го подобри транспортното поврзување меѓу северот и југот и постави нови стандарди како „проект на векот“. Во Србија, автопатот Е763 минува низ една од геолошки најсложените делници во Европа, отворајќи ги за подобро поврзување централните и западните делови од внатрешноста на земјата. Во Северна Македонија, автопатот Миладиновци–Штип, изграден од кинеска компанија, е пуштен во сообраќај, додека изградбата на автопатот Кичево–Охрид се забрзува. Во Грција, терминалот во пристаништето Пиреја со кој управува кинеска компанија го зголеми својот годишен товарен капацитет од 1,5 милиони на 6,2 милиони ТЕУ, односно единици еквивалентни на контејнер од 20 стапки, овозможувајќи поефикасно искористување на транспортните капацитети и значителни заштеди во трошоците.

Гледајќи кон иднината, Кина и Европа треба темелно да ги разгледаат можностите за координирање на копнениот и поморскиот транспорт и за усогласување на копнено-поморската експресна линија Кина–Европа со паневропските коридори. Северна Македонија треба уште подобро да ја искористи својата положба на сообраќаен јазол, да ја забрза работата на „средишната алка“, да се заложи за продолжување на железничката врска Унгарија–Србија кон југ и да ја доврши „последната милја“ до пристаништето Пиреја. На тој начин ќе изградиме повеќедимензионална мрежа што ги поврзува копното и морето и се потпира врз заемно надополнување на нашите предности, дополнително зацврстувајќи ги врските на регионалната економска интеграција.

Трето, да го зацврстиме курсот кон зелен развој воден од иновациите.

Економиите од азиско-пацифичкиот регион ја продлабочија соработката во дигиталната економија и вештачката интелигенција, ја унапредија зелената и нискојаглеродната транзиција и постојано ги претвораат своите иновациски предности во двигатели на растот. Со тоа му даваат силен поттик на брзиот економски развој на регионот.

Кина го преточува зелениот развој во практика. Таа го изгради најголемиот и најбрзорастечкиот систем за обновлива енергија во светот, како и најголемиот пазар за тргување со јаглеродни емисии. Ја воспостави Меѓународната коалиција за зелен развој во рамките на иницијативата „Појас и пат“ и ја забрза зелената и нискојаглеродната трансформација на транспортот. Единаесет години по ред е на прво место во светот и според производството и според продажбата на возила на нови извори на енергија. Повеќе од 76 проценти од нејзината железничка мрежа е електрифицирана, а автобусите на нови извори на енергија сочинуваат речиси 88 проценти од вкупниот автобуски возен парк.

Посветена на развој воден од иновации, Кина ја применува вештачката интелигенција во транспортот, логистиката, индустријата и јавните услуги. Електронските товарни листови, интелигентното управување со транспортот, дигиталните царински постапки и прекуграничната размена на податоци ги преобразуваат традиционалните начини на превоз на стоки.

Во рамките на железничките експресни услуги Кина–Европа, продолжува воведувањето на моделот за забрзано царинење и на системот 95306 „Дигитално пристаниште“, со што најкраткото време потребно за царинење е сведено на помалку од 30 минути. „Транспортните коридори“ забрзано прераснуваат во „трговски коридори“ и „економски коридори“.

Продлабочувањето на зеленото и дигиталното партнерство меѓу Кина и Европската Унија ќе отвори нови хоризонти и ќе создаде нови двигатели за висококвалитетно поврзување на нашите два континента. Воедно, ќе донесе повеќе конкретни и достапни придобивки за милијардите луѓе од двете страни.

Почитувани дами и господа,

Кина и Европската Унија се значајни економски и трговски партнери една за друга, а нивните економии заедно сочинуваат повеќе од една третина од светското економско производство. Денес, трговската размена меѓу Кина и ЕУ во само еден ден е приближно еднаква на годишниот обем на трговската размена во првите години по воспоставувањето на дипломатските односи. Истовремено, заемните инвестиции продолжуваат да се продлабочуваат.

Нашите индустриски синџири и синџири на снабдување се длабоко испреплетени. Кинеската опрема за нови извори на енергија, како и машинските и електротехничките производи, претставуваат навремена и драгоцена поддршка за зелената транзиција на Европа. Исто така, европското високотехнолошко производство и прецизните инструменти се силен катализатор за индустриското унапредување на Кина. Интензивна е и размената меѓу луѓето, со речиси 600 летови неделно и повеќе од 9,7 милиони патувања годишно во двете насоки.

За Кина и Европа, подлабоката поврзаност не е прашање на избор, туку неопходност. Подготвени сме да соработуваме со европските земји, вклучително и со Северна Македонија, за подобро усогласување на нашите развојни стратегии и за заедничка изградба на отворена, разновидна, зелена и интелигентна мрежа на поврзаност меѓу Азија и Европа.

Преку тековите што ги овозможува поврзаноста, можеме да поттикнеме нов економски раст, да ги претвориме предностите на географската положба во индустриски предности и да ги издигнеме географските врски во врски меѓу срцата на луѓето. Така ќе овозможиме понепречено инфраструктурно поврзување, поефикасно усогласување на правилата и стандардите и поблиски врски меѓу нашите народи.

Колку подалеку заедно одиме по овој пат, толку пошироки стануваат нашите развојни можности, толку поцврсто станува нашето партнерство и толку поблиски стануваат народите на Кина и Европа.