Фото: МИА

Македонија мора да изгради национален дата-центар за да ја обезбеди стабилноста на дигиталните услуги, да ја зајакне безбедноста на податоците и да ги следи технолошките промени во ерата на вештачката интелигенција. Ова беше еден од главните заклучоци на панел-дискусијата „Дата-центрите – расчистување на мистеријата“, одржана во рамките на конференцијата „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, во организација на Стопанската комора и УНДП.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека државните системи во моментов се распоредени на повеќе од 40 локации во Скопје, што создава сериозни ризици за нивното функционирање.

– Имаме повеќе од 40 локации на кои се чуваат податоци и сервери, а за нив се грижат различни институции. Често се случуваат прекини поради технички проблеми, дефекти на климатизацијата или нестабилно напојување. Тоа не е само прашање на кибербезбедност, туку и на сигурност и континуитет на државните услуги – рече Андоновски.

Тој информира дека проектот за национален дата-центар е предвиден како индикативен проект во Планот за раст на Европската Унија и во реформската агенда на државата, а се разгледуваат и можности за обезбедување дополнително финансирање.

Осврнувајќи се на развојот на вештачката интелигенција, Андоновски предупреди дека земјите што нема да инвестираат во сопствени капацитети ќе станат сè позависни од странски технолошки компании и инфраструктура.

– Постои реален ризик да се создаде јаз меѓу оние што ќе имаат пристап до ресурсите потребни за вештачка интелигенција и оние што нема да можат да си го дозволат тоа. Затоа мора навреме да инвестираме во сопствени капацитети – истакна министерот.

Тој додаде дека државата веќе работи на обезбедување пристап до инфраструктура за вештачка интелигенција преку регионални иницијативи и со поддршка од Европската Унија, но нагласи дека долгорочниот развој бара создавање домашни капацитети.

Според Андоновски, изградбата на дата-центри може да отвори значајни можности за привлекување странски инвестиции, трансфер на технологии и развој на домашните ИТ-компании.

Тој посочи дека Македонија годишно создава речиси илјада ИТ-инженери, кои треба дополнително да се специјализираат во области како кибербезбедноста, cloud computing и управувањето со центри за податоци.

Анализите, како што информираше, покажале дека во земјата постојат локации со потенцијал за развој на мали и средни дата-центри, особено во напуштени индустриски капацитети и во близина на индустриските развојни зони. Меѓу потенцијалните региони ги посочи Скопје, Охрид и подрачјето околу Неготино, кое го оцени како особено атрактивно.

Различни дата-центри, различно влијание врз животната средина

Во дискусијата учествуваше и Петар Пешев од „Ултра“, кој посочи дека во јавноста често се изедначуваат различни типови дата-центри, иако тие имаат различни технолошки карактеристики и влијание врз животната средина.

Тој нагласи дека треба да се прави разлика меѓу класичните дата-центри и оние наменети за вештачка интелигенција, кои имаат значително поголема потрошувачка на електрична енергија и посложени системи за ладење.

– Не сите дата-центри се исти. Кога се зборува за нивното влијание, мора да се знае за каков тип дата-центар станува збор, колкава е неговата потрошувачка на енергија, каков систем за ладење користи и какви се неговите еколошки ефекти – појасни Пешев.

Тој истакна дека, покрај економските придобивки, дата-центрите имаат важна улога и во заштитата на чувствителните податоци, особено во секторите како осигурувањето и јавната администрација, каде што обработката на информациите често треба да остане во рамките на локалната инфраструктура.

Според Пешев, развојот на домашни капацитети за складирање и обработка на податоци е важен предуслов за понатамошна дигитална трансформација и примена на решенија засновани на вештачка интелигенција.

Азески: Индустријата, екологијата и технологијата не смеат да се одложуваат

Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, порача дека прашањата поврзани со индустријата, екологијата и новите технологии бараат отворена дебата и јасни политики.

Тој оцени дека дата-центрите, енергетската инфраструктура и одржливиот развој се теми со кои државата мора директно да се соочи при креирањето на економските политики.

– Прашањата за индустријата и екологијата мора да се соочат во еден момент и да добијат јасен став. Без таква дебата, не можеме да одиме напред и да креираме политики што ќе бидат значајни за идниот развој на државата – нагласи Азески.

Според него, бизнис-заедницата е свесна за предизвиците што ги носат глобалните економски и технолошки промени, а како клучни приоритети ги издвојува борбата против корупцијата и сивата економија, забрзаната гасификација, поддршката на извозот и поголемата регионална економска интеграција.

Азески оцени дека преку отворен дијалог меѓу институциите, бизнисот и меѓународните партнери може да се дојде до решенија што ќе обезбедат повисок економски раст, подобар животен стандард и поголема конкурентност на македонската економија.

УНДП и ЕУ: Зелената транзиција е можност за инвестиции

Постојаниот претставник на УНДП во земјата, Армен Григорјан, во воведното обраќање оцени дека зелената транзиција треба да се гледа како можност за инвестиции, зголемување на конкурентноста и зајакнување на економската отпорност, а не само како обврска за компаниите.

Тој нагласи дека приватниот сектор има клучна улога во спроведувањето на зелените политики преку инвестиции во иновации, енергетска ефикасност и чисти технологии.

Според Григорјан, успешната декарбонизација и исполнувањето на климатските цели ќе бараат силна соработка меѓу институциите, финансискиот сектор и приватните компании, како и значителни вложувања во нови технологии и обновливи извори на енергија.

Заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјата, Бен Нупнау, порача дека одржливоста не е спротивна на профитот, туку е предуслов за долгорочен економски успех и конкурентност.

Тој истакна дека усогласувањето со европските стандарди за животна средина и циркуларна економија ќе им овозможи на македонските компании полесен пристап до единствениот европски пазар и подобро вклучување во европските синџири на вредност.

– Без одржливост, нема траен профит. Компаниите што навреме ќе инвестираат во енергетска ефикасност, иновации и зелени технологии ќе бидат поотпорни, поконкурентни и попривлечни за инвеститорите – истакна Нупнау.

Тој додаде дека Европската Унија продолжува да ги поддржува македонските компании во зелената транзиција и усогласувањето со европските регулативи преку ИПА-програмите, техничката помош и инструментите за зелено финансирање.