Фото: МИА

Околу 7.000 студенти учествувале во онлајн анкетата на Националното студентско тело за новиот ваучерски модел на субвенциониран студентски оброк. Од нив, 97 проценти се изјасниле за зголемување на месечниот износ на 4.500 денари, односно околу 180 денари дневно, независно од воведувањето на новиот модел.

Анкетата покажала и дека 79,5 проценти од студентите го претпочитаат постојниот модел со платежни картички.

Претседателката на Националното студентско тело, Ангела Василевска, на прес-конференција истакна дека во изминатиот период јавната дебата била насочена кон новото системско решение, наместо кон она што, според неа, е законско право на студентите – зголемување на сегашниот дневен износ од 140 на околу 180 денари, во согласност со инфлацијата.

Василевска нагласи дека студентите бараат зголемување на субвенцијата веднаш, а не од почетокот на идната академска година, кога Владата планира да го воведе новиот модел. Тој предвидува апликација преку која студентите би добивале различни поволности и попусти при купување храна од избрани оператори.

– Три години не се почитува Законот за субвенциониран студентски оброк и бараме државата да почне да го почитува законот што самата го пропишала. Износот треба секоја година да се зголемува според стапката на инфлација по завршувањето на фискалната година – изјави Василевска.

Таа посочи дека во текот на нејзините досегашни студии износот на студентскиот оброк бил зголемен само еднаш, кога била прва година.

– Студентите се гладни и три години се оставени на цедило. Студентскиот оброк мора веднаш да се зголеми. Во факултетските бифеа за 140 денари не може да се најде ниту дел од оброк – рече Василевска.

Во однос на поволностите што се најавуваат со новиот модел, таа оцени дека попустите во угостителските објекти, рестораните, пекарниците и компаниите веќе постојат и не претставуваат нова мерка.

Планираното воведување на новиот модел од октомври 2027 година, според Василевска, значи дополнително одложување и уште една година чекање за студентите.

Националното студентско тело денеска ќе ги достави резултатите од анкетата и своите барања до Министерството за образование и наука. Од таму ќе побараат во рок од две недели да бидат разгледани нивните барања и да добијат официјален одговор.

Доколку барањата не бидат исполнети, Василевска најави дека студентите ќе излезат на протест.