Вечерва во 19 часот, театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ во Кавадарци премиерно ќе ја изведе комедијата „Жена ми се вика Борис“, работена според текст на Рафи Шарт, во режија на Диме Боцев.
Кавадаречката театарска публика, особено љубителите на комедијата, ќе има можност да ги проследи актерските креации на Видан Станоев, Диме Боцев, Благица Боцева, Анастасија Данаилова, Сашо Орешков, Цветанка Прочков и Александар Малинков.
За костимите се погрижи Сара Милевска, додека сценографијата е дело на Диме Темков и Тони Туриманџов.
„Жена ми се вика Борис“ е современа фарсична комедија од Рафи Шарт, еден од познатите француски комедиографи, чии текстови постигнуваат голем успех на театарските сцени ширум светот. Шарт е препознатлив по прецизно конструираните заплети и се смета за еден од наследниците на традицијата на Жорж Фејдо.
Претставата носи динамичен заплет, замена на идентитети и низа комични ситуации што се одвиваат со голема брзина. Нејзината провокативна и непосредна поетика лесно комуницира со публиката, а ликовите ги отсликуваат ситуациите од секојдневниот живот.
– Изборот на овој театарски текст го направив токму поради интересниот заплет што го нуди претставата. Сметам дека тоа е битен фактор што ќе го задржи вниманието на кавадаречката публика, која со годините има сè поизострен вкус, особено кога станува збор за комедијата – изјави режисерот Диме Боцев за „Нова Македонија“.
Тој посочи дека особено внимание посветил на прецизната поделба на улогите, водејќи се од ставот дека добрата актерска распределба е половина од успешно завршената работа.
Боцев нагласи дека целата актерска екипа била максимално ангажирана и посветена, придонесувајќи со идеи во градењето на ликовите. Комбинацијата од помлади и поискусни актери, според него, создава силен тим зад претставата.
М.М.
































