Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) најостро ги осудува сите облици на насилство, особено семејното насилство, насилството врз жените, врсничкото насилство и насилството во дигиталниот простор, оценувајќи дека тие се неспојливи со христијанските и евангелските вредности и со почитувањето на човековото достоинство.
На редовната седница во работен состав, одржана денеска, Синодот разгледал повеќе прашања поврзани со црковниот живот, воспитно-образовните институции и општествените случувања во земјата. Посебно внимание било посветено на сè поизразеното насилство, како и на ширењето на нетрпеливоста и омразата во општеството.
-МПЦ-ОА со загриженост ги следи настаните поврзани со сè поизразеното насилство и ширењето на омразата во општеството. Во таа насока, МПЦ-ОА јасно и недвосмислено истакнува дека секој вид насилство, вербално и физичко, особено семејното насилство, насилството врз жените, врсничкото насилство и насилството во дигиталниот простор, вклучително и на социјалните мрежи, е апсолутно неприфатливо – се наведува во соопштението.
Според МПЦ-ОА, ваквите појави се неспојливи со основните христијански и евангелски вредности и со почитувањето на човековото достоинство.
Во согласност со својата евангелска и пастирска мисија, МПЦ-ОА најостро го осудува гревот на убиството и фемицидот, оценувајќи ги како најсуров облик на насилство врз жените и недозволиво посегнување по светоста на човечкиот живот.
-Како значаен општествен чинител, МПЦ-ОА ја афирмира и активно придонесува кон негувањето на културата на соживот, почитувањето на човековото достоинство, солидарноста и грижата за секој човек, без оглед на неговите политички, идеолошки и лични убедувања, социјалниот статус или верската или религиозната припадност, доследно почитувајќи го начелото за еднакво достоинство на секој човек – истакнуваат од Синодот.
МПЦ-ОА ги оценува како загрижувачки размерите на зголеменото насилство и ширењето на нетрпеливоста, гневот и омразата, поради што ја потврдува подготвеноста за соработка со надлежните државни институции, верските заедници, религиозните групи и другите релевантни организации, со цел заедничко дејствување во спречувањето и надминувањето на овие негативни општествени појави.
Синодот посочува дека свештенството и досега совесно и одговорно ја извршува својата пастирска служба, вклучително и во справувањето со предизвиците поврзани со различните облици на насилство.
-Истовремено, ја препознава потребата од континуирана едукација и соодветна обука на свештенството, со цел унапредување на неговите знаења и способности за навремено воочување и соодветно постапување во случаи на насилство, особено семејно насилство и насилство врз жените, како и за давање соодветна поддршка на лицата погодени од насилство и нивно благовремено упатување до надлежните специјализирани институции и стручни служби – се вели во соопштението од САС на МПЦ-ОА.


































