Со едноминутно молчење во спомен на жените и девојките чии животи беа насилно одземени, вечерва во Скопје започна протестот на Движењето за слобода и правда на жените „Ниту една повеќе“. Протестниот марш се упати низ центарот на градот и заврши пред Министерството за внатрешни работи. Пред влезот на МВР маршот беше запрен од полицијата. Учесниците на маршот, на улицата истурија земја која импровизираше гроб и поставија картон како споменик со имињата на сите жртви на фемицид.
Како што беше посочено, ова е протест против институциите кои, според организаторите, цела година молчат.
– Нема повеќе изговори, нема да ви дозволиме да закопате уште една жена. Женската борба денес е борба за живот. Продолжува со сите нас и со почит кон сите жени, девојки и девојчиња чии животи беа насилно одземени – беше потенцирано на протестот.
Во обраќањата пред Собранието, пред насобраните граѓани, претежно млади девојки и момчиња, претставниците на Движењето упатија, како што нагласија, шест конкретни наредби до институциите и побараа тие да бидат исполнети до 10 декември – Денот на човековите права.
– Денеска упатуваме шест конкретни наредби до институциите. Бараме најитно донесување на законските измени за заштита од насилство, особено измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Во спротивно, Денот на човековите права, на 10 декември, ќе го одбележиме пред Собранието – рече Анастасија Павловска од Движењето за слобода и правда на жените „Ниту една повеќе“.
Таа, исто така, побара донесување на осумте закони за кои е формирана работна група, меѓу кои и законите за полицијата, семејството, социјалната заштита, правосудството и други области.
Од Движењето побараа и издвојување најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство, активно работење на системско искоренување на насилството, како и усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базирано насилство, со конкретни институционални задолженија, рокови и механизми за следење.
– Родовата еднаквост е уставна категорија и не само тоа, туку е и дел од нашата антифашистичка историја и еманципација. Нашата гласност за тие вредности не може да се брише поради странски влијанија и притисоци – рече Павловска.
Исто така, побараа повлекување на, како што рекоа, сите регресивни измени во законите за основно и средно образование, како и во прописите за учебниците и другите образовни алатки и програми.
Во обраќањето пред Собранието, Мартин Џорлев рече дека одговорните треба конечно да преземат одговорност за фемицидите, за сите изгубени животи, за корупцијата и за уништувањето на нивниот идентитет.
Меѓу учесниците на протестот беше и пратеничката Моника Зајкова од ЛДП, како и други политичари и личности од јавниот и општествениот живот во земјата, пренесува МИА.
















































