Фото: Ка.М

Општина Прилеп, заедно со годинашните домаќини, е подготвена за одбележување на патрониот празник на градот – Свети Никола, еден од најзначајните духовни и традиционални настани, кој и оваа година се очекува да обедини голем број граѓани, верници и гости.

Составен дел од празничното чествување и годинава, на 19 декември, ќе биде подготовката на традиционалните посни сарми, кои се препознатлив симбол на градската слава. Во трпезаријата на храмот „Св. Благовештение“, сармите ќе ги подготвуваат претставнички на повеќе женски здруженија од Прилеп, продолжувајќи ја долгогодишната традиција на заедничка подготовка на празничната посна трпеза.

Годинашен домаќин на градската слава „Св. Никола“ е кетеринг-компанијата „Рустика“, која ја презеде честа и одговорноста да биде дел од организацијата на оваа значајна градска манифестација.

Покрај богатата посна трпеза, која ќе биде поставена во центарот на градот на 19 декември, за посетителите е подготвена и богата културно-уметничка и музичко-забавна програма на Камената бина, со почеток во 12:00 часот.

Водител на програмата ќе биде познатиот македонски шоумен, актер и музичар Игор Џамбазов, а за музичкото расположение ќе се погрижат естрадната пејачка Дани и етно-составот „Љубојна“, препознатлив по своите автентични интерпретации инспирирани од македонската музичка традиција.

Сите подготовки се одвиваат според предвидената динамика, со цел празникот да биде одбележан достоинствено, свечено и во духот на традицијата.

Одбележувањето на Свети Никола во Прилеп веќе две децении претставува симбол на духовноста, хуманоста и заедништвото. Преку заедничката празнична трпеза на плоштадот „Александрија“, прилепчани ги негуваат традиционалните вредности, ја споделуваат празничната радост и ја потврдуваат солидарноста и сплотеноста по кои е препознатлив градот.

Свеченостите традиционално се одржуваат во храмот „Св. Благовештение“, кој претставува значаен духовен центар на Прилеп, и пред параклисот посветен на светецот во центарот на градот, каде што секоја година се собираат илјадници верници за да му оддадат почит на Свети Никола, заштитникот на градот.

Свети Никола е празник што обединува, сплотува и потсетува на вистинските вредности на заедништвото и хуманоста. Ка. М.