- Денес на светските пазари цените на нафтата и златото бележат пад, додека вниманието на инвеститорите е насочено кон Европа и претстојните клучни економски движења и податоци од САД
Светските финансиски пазари се соочуваат со нов бран неизвесност. Европските берзански индекси денеска главно се во плус, но расположението меѓу инвеститорите останува претпазливо, особено поради неизвесноста околу американските царини и огромните вложувања во секторот за вештачка интелигенција.
Нафтата бележи забележителен пад. Цената на суровата нафта „Брент“ се намали за 1,76 проценти и достигна 89,795 долари за барел, додека американската нафта WTI поевтини за 2,01 процент, на 80,442 долари за барел. Но, посебно внимание привлекува и движењето на цената на природниот гас. Европските фјучерси на гасот за декември, на отворањето на берзата во Амстердам, се тргуваа по цена од 91,195 евра за мегават-час, односно околу 957 евра за 1.000 кубни метри. Падот не го заобиколи ниту златото. Цената на овој благороден метал се спушти на 3.523,55 долари за тројска унца, додека и пченицата бележи промени на меѓународните пазари.
ЕВРОПСКИТЕ БЕРЗИ ВО ПЛУС, НО ПРЕТПАЗЛИВОСТА ОСТАНУВА
На европските берзи денеска преовладува позитивно движење. Германскиот DAX порасна за 0,28 проценти, францускиот CAC 40 за 0,48 проценти, а британскиот FTSE 100 забележа раст од 0,61 процент. Италијанскиот FTSE MIB порасна за 0,15 проценти, додека московскиот MOEX забележа пад од 0,21 процент. Сепак, закрепнувањето е нерамномерно, а инвеститорите и понатаму внимателно ги следат глобалните економски ризици.
СИТЕ ОЧИ СЕ СВРТЕНИ КОН АМЕРИКА
Во фокусот на финансиските пазари е објавувањето на американскиот извештај за инфлацијата според индексот PCE – еден од најважните показатели што Федералните резерви го користат при носењето одлуки за каматните стапки.
Токму овие податоци би можеле да влијаат врз очекувањата за идната монетарна политика на САД, но и врз движењата на светските берзи.
На американските пазари, последната трговска сесија донесе мешани резултати: Dow Jones порасна за 0,85 проценти, S&P 500 падна за 0,5 проценти, додека технолошкиот Nasdaq забележа раст од 1,48 проценти.
Неизвесноста останува, а инвеститорите сега го очекуваат следниот важен сигнал од американската економија.





























