Фото: МИА

Поранешниот главен акционер и претседател на Надзорниот одбор на Еуростандард банка, Трифун Костовски, на денешната надзорна расправа во Собранието за Алта банка порача дека не бара пропаѓање на банката, туку поддржува секоја законска мерка со која ќе се заштитат штедачите, доверителите, вработените и стабилноста на банкарскиот систем.

Сепак, според него, случајот со Алта банка отвора сериозни прашања за постапувањето на Народната банка во случајот со Еуростандард банка, која во 2020 година замина во стечај. Костовски рече дека веќе шест години се обидува да добие одговор зошто тогаш не бил применет механизмот за воведување администрација, кој денес се користи како можност за стабилизација на Алта банка.

– Ако администрацијата денес е законски инструмент со кој на Алта банка ѝ се дава време и можност за стабилизација, зошто истиот инструмент не беше применет за Еуростандард банка во 2020 година? – праша Костовски пред пратениците на Комисијата за финансирање и буџет.

Тој потсети дека акционерите и вработените во Еуростандард банка ги платиле изречените казни, презеле корективни мерки и вложиле околу 13,5 милиони евра свеж капитал со цел банката да се стабилизира и да продолжи со работа.

Според Костовски, докапитализацијата била реализирана само шест месеци пред одлуката за стечај, во периодот кога започнала пандемијата на ковид-19. Тој посочи дека во тој период на банката ѝ биле ограничени можностите за работа со правни и физички лица, како и за присилна наплата на доспеаните побарувања.

Костовски пред пратениците го презентираше и хронолошкиот тек на настаните што довеле до стечајот на Еуростандард банка, барајќи од Народната банка конкретен одговор за тоа кои законски услови за воведување администрација не биле исполнети во случајот.

Особено внимание посвети на разликите во прикажаната капитална адекватност на банката.

– На 12 август 2020 година во документацијата врз која се темели одлуката на Народната банка се појавува капитална адекватност од околу минус 4 проценти. Само два дена подоцна, според документацијата со која располагаме, стечајната екипа прикажува капитална адекватност близу 7 проценти. Од минус 4 до плус 7 проценти за два дена во банка која веќе не работи? Која бројка е точна, со која методологија е добиена и кој независно ја проверил пресметката? – праша Костовски.

Тој отвори и прашања за завршната сметка поднесена од стечајниот управник, како и за подоцнежното создавање и распределување на стечајната маса, оценувајќи дека треба да се утврди дали реалната состојба на активата на банката била правилно утврдена во моментот кога ѝ била одземена дозволата за работа.

На расправата прашања до Костовски упатија и пратениците Миле Талевски и Дафина Стојаноска.

Талевски реагираше на неговиот настап, оценувајќи дека сведоците не треба да им држат лекции на актуелните пратеници, а побара и конкретни сознанија или документи за влезот на Алта банка на македонскиот пазар. Го праша и дали лично го познава српскиот бизнисмен Давор Мацура, сопственик поврзан со Алта банка.

Костовски одговори дека не ги познава лицата за кои станало збор и дека немал лични контакти со нив.

– Од лицата кои ги споменавте никого не познавам, ниту сакам да познавам. Не сум имал прилики со такви лица да се видам – рече Костовски, притоа потсетувајќи дека и самиот бил пратеник и побара почит кон неговото парламентарно искуство.

Пратеничката Дафина Стојаноска, пак, праша дали Костовски во периодот пред затворањето на Еуростандард банка имал средби со тогашниот премиер Зоран Заев, министерката за финансии Нина Ангеловска и гувернерката Анита Ангеловска-Бежовска.

Костовски одговори дека немал средба со Заев, а дека не ја познавал ниту тогашната министерка за финансии. Посочи дека во последната година од постоењето на банката веќе не бил ниту претседател, ниту член на Надзорниот одбор.

Сепак, откри дека неговиот син имал средба со тогашниот технички премиер Оливер Спасовски на 12 август 2020 година, денот кога банката била испратена во стечај. Според информациите што ги добил од синот, на средбата било разговарано за можноста да се запре процесот, бидејќи акционерите сакале банката да продолжи да работи.

Костовски посочи дека за него е особено спорно што Еуростандард банка заминала во стечај во период кога државата немала функционални политички институции во редовен состав, односно кога немало избрана Влада и функционално Собрание.

Во тој контекст, тој ја поддржа одлуката на актуелната Влада да соработува со Народната банка за стабилизирање на Алта банка и за изнаоѓање решение со кое ќе се заштитат интересите на клиентите и доверителите.

– Затоа ја поддржувам Владата што застанала заедно со Народната банка да ја спаси Алта банка и ќе најде начин како да ја спаси и да ги заштити нашите правни и физички лица – порача Костовски.

На крајот од своето обраќање, тој емотивно говореше за шестгодишната борба за, како што рече, правда и вистина по пропаѓањето на Еуростандард банка.

– Тоа е процес во кој шест години легнувам и станувам со тој проблем – како тоа можеше мене да ми се случи. Никогаш не сум имал намера да измамам или да украдам од некого. Меѓутоа, тоа во мојата Македонија ми се случи и ја барам правдата. Дали ќе успеам до крајот – не знам, но не отстапувам ниту еден сегмент од желбата да дојдам до вистината – порача Костовски.