Премиерот Христијан Мицкоски најави дека новиот модел за субвенциониран студентски оброк е дефиниран и дека во тек е неговата техничка разработка. Решението, кое се очекува да започне да се применува од новата академска година, наскоро ќе биде претставено пред студентите и јавноста.
Мицкоски посочи дека во подготовката на моделот се вклучени Генералниот секретаријат, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за образование и наука.
= Мислам дека сме на добар пат. Она што ќе го креираме овојпат е навистина иновативно и ќе им овозможи на студентите поголеми права и привилегии од оние што ги имаат сега. Кога ќе го имаме конечниот производ, многу скоро ќе ги поканиме студентите и медиумите и ќе го презентираме во јавноста – изјави Мицкоски при посетата на ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска вчера информираше дека е формирана работна група која ќе го подготви софтверското решение за новиот модел. Според неа, студентските претставници на првата средба изразиле задоволство од предложениот концепт.
Јаневска појасни дека студентите ќе користат мобилна апликација преку која ќе добиваат 20 проценти попуст од вредноста на субвенционираниот оброк при купување храна кај пријавените економски оператори.
Дополнително, студентите ќе имаат можност да остварат 20 проценти попуст и за производите што ќе ги купуваат со сопствени средства кај истиот оператор, како продавници, пекарници и ресторани.
Владата ќе распише јавен повик за пријавување на што поголем број оператори за храна. Ќе бидат избрани оние што ќе ги исполнат предвидените услови, кои, според министерката, нема да бидат премногу строги, но ќе гарантираат безбедност и квалитет на понудената храна.
Јаневска информираше дека на средбата со новиот претседател на релевантното студентско собрание при УКИМ било договорено студентите дополнително да се консултираат со факултетските студентски собранија.
Тие треба да спроведат анкета и дискусии, да ги сумираат ставовите и официјално да ги достават до Министерството за образование и наука.
Во меѓувреме, Министерството ќе продолжи со редовната исплата на законски предвидениот износ од 140 денари за студентски оброк.
Министерката најави и дополнителна средба со претседателите на студентските собранија од сите универзитети, со цел да се утврдат нивните ставови за предложениот модел и да се избегнат недоразбирања во понатамошната реализација.

































