Вработените на Меѓународниот аеродром Скопје, заедно со претставници на Општина Илинден, повторно се вклучија во акцијата за садење дрвја „Садиме денес за одржливо утре“, потврдувајќи ја заедничката посветеност на заштитата на животната средина.
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на АДП групацијата, по третпат ја спроведува оваа зелена иницијатива, чија цел е зголемување на зелените површини и унапредување на животната средина во општината на чија територија се наоѓа Меѓународниот аеродром Скопје.
Во рамки на овогодишната акција, вработените на аеродромот, предводени од генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, заедно со градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, и претставници на локалната самоуправа, засадија 30 црвени сливи во населеното место Дељадровци. Со акцијата официјално беше пуштен во употреба и новиот парк.
Новите дрвја ќе придонесат за зголемување на зеленилото во населеното место, а во годините што следуваат се очекува да помогнат во подобрувањето на квалитетот на воздухот и создавањето попријатна природна средина за локалното население.
– Особено ми е драго што нашата зелена иницијатива ‘Садиме денес за одржливо утре’ продолжува и оваа година, потврдувајќи дека грижата за животната средина е долгорочна определба на ТАВ Македонија. Ваквите акции имаат посебна вредност кога зад нив стои заеднички ангажман. Сакам да им се заблагодарам на сите наши колеги од скопскиот аеродром кои волонтираа, како и на градоначалникот и вработените во Општина Илинден за поддршката и партнерството. Верувам дека грижата за животната средина се покажува преку дела, а ваквите заеднички иницијативи се можност да придонесеме за промени што ќе имаат вредност и во годините што доаѓаат. Вистинската вредност на овој чин ќе се почувствува и ќе се цени уште долго, како траен подарок за идните генерации – изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, истакна дека ваквите иницијативи придонесуваат за создавање почиста, позелена и поздрава општина, но и за подигнување на свеста кај населението за значењето на заштитата на природата.
Тој изрази благодарност до општествено одговорните компании кои донирале садници и ја поддржале реализацијата на акцијата, нагласувајќи дека соработката меѓу локалната самоуправа, приватниот сектор и граѓаните е особено важна за подобрување на условите за живот.
Според Георгиевски, Општина Илинден и понатаму ќе спроведува активности насочени кон обезбедување почиста и позелена животна средина за сегашните и идните генерации.
Со реализацијата на иницијативата трета година по ред, ТАВ Македонија ја потврдува својата определба за одржливо работење и развивање долгорочни партнерства со локалните заедници. Преку конкретни еколошки активности, компанијата придонесува за создавање поздрава и поодржлива животна средина.



































