Македонија мора да ги прифати предизвиците на новото време и да се насочи кон дигитализацијата и вештачката интелигенција, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, на конференцијата за дигитална трансформација во организација на Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам), која денеска се одржува во Скопје.
Николоски истакна дека дигиталната ера и забрзаниот технолошки развој суштински го менуваат начинот на функционирање на бизнисот, општеството и институциите. Притоа, ги посочи проектите на кои работи Владата, меѓу кои изградбата на национален податочен центар, воспоставувањето национален едношалтерски систем, воведувањето електронска наплата на патарините и интелигентни транспортни системи за модернизација и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
– Овие промени отвораат огромни можности во секое поле на дејствување – не само во економијата, туку и во здравството, транспортните системи и речиси во секој сегмент на општеството – истакна Николоски.
Тој посочи дека Владата веќе работи на спроведување на стратегијата „Смарт Македонија 2030“, а еден од клучните проекти е изградбата на првиот државен национален податочен центар.
– Со Министерството за дигитална трансформација веќе работиме на развојот на првиот државен национален податочен центар. Интензивно работиме на оваа тема, а изградбата треба да започне следната година. Во моментов се спроведуваат процедурите за урбанизација и се подготвува потребната документација. Идејата е центарот да им служи на државата и на институциите, односно на едно место да се обединат сите државни институции. Сега имаме раштркан и неорганизиран систем, во кој секоја институција се грижи сама за себе – најави Николоски.
Тој додаде дека во напредна фаза е и подготовката на националниот едношалтерски систем, замислен како централизирана платформа преку која сите релевантни институции ќе функционираат во заедничка дигитална средина.
Во своето обраќање Николоски го најави и новиот модел за електронска наплата на патарините, со кој наплатата ќе се врши според изминатите километри.
– Не зборуваме за отворен или затворен систем на патарини, туку воопшто нема да има патарини на патот. Користењето на автопатот ќе се наплаќа според изминатиот километар, што е далеку поправедно од сегашниот систем – појасни тој.
Првата примена на овој модел е планирана на автопатот Охрид – Кичево, чија изградба треба да заврши до крајот на мај 2027 година.
Во областа на транспортот, Николоски најави и воведување интелигентни транспортни системи. Како што информираше, во завршна фаза е измената на законската регулатива потребна за нивно воведување.
– Станува збор за пет закони – три во надлежност на Министерството за транспорт, еден на Министерството за внатрешни работи и еден на Министерството за локална самоуправа – посочи Николоски.
Тој потврди дека со поддршка на Светската банка веќе е потпишан договор за воведување интелигентни транспортни системи на Коридорот 10, на делницата од Табановце до Гевгелија. Нивната примена се очекува кон крајот на 2027 или почетокот на 2028 година.
































