Фото: МОН

Студентите ќе добијат мобилна апликација преку која ќе остваруваат 20 отсто попуст при купување храна кај регистрираните економски оператори, и тоа не само за субвенционираниот оброк, туку и за дополнителните производи што ќе ги купуваат со сопствени средства.

Ова го најави министерката за образование и наука Весна Јаневска, објаснувајќи како ќе функционира новиот модел на студентски оброк. Според неа, новото решение ќе им понуди повеќе поволности на студентите во споредба со досегашниот систем на субвенционирање.

Јаневска информираше дека веќе е формирана работна група која ќе работи на креирањето на моделот и софтверското решение за мобилната апликација. Владата, пак, ќе распише јавен повик на кој ќе можат да се пријават што поголем број оператори кои нудат храна, како продавници, пекарници и ресторани.

Ќе бидат избрани операторите што ќе ги исполнат предвидените услови, кои, како што посочи министерката, нема да бидат премногу строги, но ќе гарантираат безбедност и квалитет на храната што ќе ја нудат.

Во меѓувреме, Министерството ќе продолжи редовно да ја исплаќа законската обврска од 140 денари за студентски оброк, додека се очекува студентските претставници дополнително да се изјаснат за предложениот модел.

Јаневска информираше дека на средбата со новиот претседател на релевантното студентско собрание при УКИМ било договорено студентите повторно да спроведат анкета и консултации со студентските собранија на факултетите, по што ќе ги достават резултатите до Министерството.

– Студентите предложија уште еднаш да направат анкета, разговор и дискусија со поединечните студентски собранија на факултетите, за да добијат од нив одговор дали го прифаќаат овој модел. Тоа ќе го почекаме. Во меѓувреме, ќе организирам уште една средба со претседателите на студентските собранија од сите универзитети – изјави Јаневска по посетата на основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода.

Таа додаде дека побарала ставовите на студентските организации да бидат доставени писмено до Министерството за образование и наука, со цел да се избегнат евентуални недоразбирања во иднина.

Три тужби за висината на студентскиот оброк

Во врска со усогласувањето на дневниот износ на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата, Јаневска рече дека според пресметките сумата би требало да изнесува 156 денари, но посочи дека законското решение содржи недоречености.

Поради различните толкувања на законските одредби, до Министерството веќе пристигнале три тужби поднесени пред Управниот суд.

– Постапката е во тек. Како ќе одлучи Судот, ние така и ќе постапиме. Нема проблем за тоа – рече министерката.

Јаневска ги отфрли обвинувањата за дискриминација при доделувањето стипендии

Одговарајќи на новинарско прашање за реакциите на ДУИ дека учениците Албанци биле дискриминирани при распределбата на стипендиите за ученици и талентирани ученици, поради малиот број доделени стипендии, Јаневска ги отфрли обвинувањата.

Таа појасни дека апликациите се поднесуваат под шифри и дека стипендиите се доделуваат исклучиво врз основа на однапред утврдени критериуми, а не според етничката припадност на кандидатите.

Министерката најави дека по поднесените приговори ќе биде направена дополнителна ревизија на постапката.

– Учениците аплицираат со шифра во Министерството. Ние доделуваме стипендии според критериуми воспоставени од државата. За да добие еден ученик стипендија, треба да ги исполни тие критериуми. Ние не доделуваме стипендии по етникум. Тие што ги исполниле условите добиле стипендии. Секако, поради приговорите ќе направиме уште еднаш ревизија – изјави Јаневска.