Просечен пушач во Македонија годишно издвојува повеќе од 600 евра за цигари, што е повеќе од сумата што се плаќа за здравствено осигурување. На ова предупреди министерот за здравство Сашо Клековски, оценувајќи дека станува збор за неодржлива состојба, особено ако се земе предвид дека пуши околу половина од населението.
Според Клековски, значителен дел од граѓаните трошат повеќе средства за навика што му штети на здравјето отколку за неговата заштита.
– Имаме ситуација во која просечен пушач издвојува повеќе за пушење отколку за здравствено осигурување. Годишното здравствено осигурување изнесува околу 420 евра, додека за цигари се трошат над 600 евра. Тоа е неодржлива ситуација во која половина нација издвојува повеќе за да си наштети на здравјето отколку за да го заштити – изјави Клековски.
Тој говореше на националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“, организирана од тинк-тенкот Аналитика во соработка со Светската здравствена организација.
Министерот посочи дека борбата против пушењето треба да се води и преку намалување на достапноста на тутунските производи, особено во однос на нивната цена и можноста за купување.
Во таа насока, новиот закон за забрана на пушењето предвидува мерки за ограничување на пристапноста до цигарите, меѓу кои и забрана за рекламирање и нивно отстранување од видното поле на потрошувачите.
Како еден од клучните приоритети Клековски ја посочи заштитата на малолетниците. Според него, потребен е општествен консензус околу две основни правила – забрана за пушење во затворени простории и забрана за продажба на цигари и слични производи на лица помлади од 18 години.
Тој најави дека по усвојувањето на законското решение посебен акцент ќе биде ставен на контролата на продажбата на тутунски производи на малолетници. Притоа се повика на извештаи според кои повеќе од две третини од малолетниците не биле одбиени кога се обиделе да купат цигари.
Клековски ја посочи и цената како важен фактор што влијае врз достапноста на тутунските производи. Според неговите пресметки, пушач кој годишно консумира околу 270 кутии цигари троши повеќе од 600 евра.
Тој ја отвори и можноста дел од средствата собрани од акцизите и евентуалното зголемување на цените на тутунските производи да се пренасочат кон здравствениот фонд. На тој начин, приходите од производи штетни за здравјето би можеле да се користат за лекување на последиците од нивната употреба.
Во однос на новиот закон, министерот информираше дека тој е во собраниска комисиска расправа и дека побарал да му биде даден максимален приоритет. По неговото усвојување ќе следуваат подготовките за спроведување, вклучително и обуки за инспекциските служби и активности на терен.
За акцизната политика, Клековски нагласи дека нејзиното утврдување не е во надлежност на Министерството за здравство, но го повтори својот став дека производите штетни за здравјето не треба да бидат меѓу најевтините и најлесно достапните на пазарот.
































