Следната година се комплетира интерконекторот со Грција
- Високите и нестабилни цени на гасот во последните години принудија дел од компаниите да бидат претпазливи. Решението е во диверзификација на изворите и маршрутите, како и во поголема конкуренција на пазарот
- Имајќи предвид дека новата интерконекција ќе овозможи диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, очекуваме создавање поконкурентен пазар и намалување на цената
Снабдувањето со природен гас во Македонија и понатаму се одвива главно од поврзувањето со Бугарија, од каде што доаѓа гасот од Русија. Сепак, земјава интензивно се подготвува за приклучување кон уште еден извор на гас, а како што најавуваат надлежните, изградбата треба да заврши следната година.
– Изградбата на интерконекторот со Грција започна во 2025 година и се очекува да заврши во 2027 година. Ова е еден од најзначајните енергетски проекти во државата затоа што обезбедува пристап до нови извори на природен гас и целосно нова маршрута за снабдување. Првите нови приклучувања ќе зависат од динамиката на изградбата на дистрибутивните системи во општините и интересот на потрошувачите, но очекуваме значително поголеми можности по пуштањето во употреба на интерконекторот – укажуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, вкупниот капацитет на системот за пренос на природен гас преку поврзувањето со Бугарија изнесува 800 милиони нормални метри кубни (нм³) годишно. Иако капацитетот на системот може да се зголеми до 1.200 милиони нм³ годишно, неговата искористеност сѐ уште е далеку зад можностите.
Употребата на овој енергент е ограничена и последниве години наместо да се зголемува, останува на исто ниво.
Најголема консумација на природен гас била регистрирана во 2021 година, кога потрошувачката достигнала рекордно ниво од 426 милиони нм³. Веќе во 2022 година потрошувачката се намалила на 280 милиони nm³. Ова намалување на потрошувачката во голема мера е резултат на енормниот раст на цените на енергентите на европскиот и глобалниот пазар, предизвикан од енергетската криза поврзана со војната во Украина. Во 2023 година има пораст на потрошувачката, која достигнува речиси 360 милиони нм³, но во 2024 година повторно е евидентиран благ пад, при што потрошувачката изнесува околу 323 милиони нм³, а трендот на умерено намалување продолжува и во 2025 година, кога потрошувачката достигнува 296 милиони нм³.
Овие податоци укажуваат дека, и покрај стабилизирањето на пазарните услови по енергетската криза во 2022 година, потрошувачката на природен гас сè уште не се вратила на нивото од пред кризата.
Од Министерството за енергетика за „Нова Македонија“ укажуваат дека меѓу домашните компании има интерес за користење на гасот, особено кај енергетски интензивните индустрии, кои бараат сигурен и поконкурентен енергент.
– Во изминатите години, многу компании покажаа интерес, но нивните инвестициски одлуки зависат од цената на гасот, сигурноста на снабдувањето и достапноста на инфраструктурата. Токму затоа новата интерконекција е важна, бидејќи создава услови за поголема конкуренција на пазарот и поголема предвидливост за стопанството – објаснуваат од министерството.
Наедно укажуваат дека домашниот пазар е релативно мал, а досега зависевме практично од една увозна маршрута и ограничен број извори на снабдување.
– Високите и нестабилни цени на гасот во последните години натераа дел од компаниите да бидат претпазливи. Решението е во диверзификација на изворите и маршрутите, поголема конкуренција на пазарот и проширување на мрежата до нови индустриски зони и потрошувачи. Со интерконекторите кон Грција и Србија создаваме предуслови токму за таков развој – нагласуваат од министерството.
Токму новиот приклучок и пристап до уште еден извор на гас, според надлежните, ќе води до конкурентска средина што треба да донесе и пониски цени за домашните потрошувачи.
– Имајќи предвид дека новата интерконекција ќе овозможи диверзификација на изворите за снабдување со природен гас, очекуваме создавање поконкурентен пазар и намалување на цената на овој енергент во однос на ситуација кога земјата зависи од еден доминантен извор и една маршрута за снабдување. Поголемата конкуренција, заедно со зголемената сигурност на снабдувањето, треба да придонесе за поголем интерес кај индустријата и другите потрошувачи за користење на природниот гас – нагласуваат од министерството.
Цените на европскиот природен гас забележаа раст поради временската прогноза за пониски температури, што би можело да изврши дополнителен притисок врз европските резерви, кои веќе се исцрпени поради прекините во извозот што произлегоа од војната меѓу САД и Иран, според „Блумберг“. Нивоата на складирање на европски гас остануваат далеку под сезонскиот просек, додека европскиот континент се движи кон период на најголема зимска побарувачка. Фјучерсите со референтен код вчера скокнаа за 8,6 отсто на 96,075 евра, што е најголемо дневно зголемување во изминатата недела. Е.Р.
Со нови постројки ќе произведуваме струја од гас
Во согласност со Патоказот за праведна транзиција, предвидена е изградба на високоефикасни когенеративни постројки на природен гас, кои постепено ќе ги заменуваат постојните капацитети на јаглен, истакнуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
– Овие постројки истовремено произведуваат електрична и топлинска енергија, што значително ја зголемува енергетската ефикасност и ги намалува емисиите во споредба со јагленските централи – укажуваат надлежните.
Сепак, додаваат дека природниот гас не е крајната цел, туку транзициско гориво што ќе помогне во процесот на декарбонизација и ќе обезбеди стабилност на електроенергетскиот систем додека се зголемува уделот на обновливите извори на енергија. Ваквиот пристап ќе придонесе за намалување на емисиите на јаглерод диоксид, како и на локалното загадување од прашина, сулфурни и азотни соединенија, со што ќе се подобрат квалитетот на животната средина и енергетската сигурност. Е.Р.
Последниве години нема нови приклучоци на системот за пренос на природен гас
Иако пазарот на гас во Македонија е либерализиран уште од 2015 година, на пазарот се јавуваат мал број активни трговци и снабдувачи со гас. Во текот на 2025 година, увозот го вршеа осум трговци, а најголеми потрошувачи од 85 отсто се комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија, како и топланите. Потоа следуваат индустриските потрошувачи, пред сè од металната индустрија, приклучени на системот за пренос, со 13 проценти удел во потрошувачката на природен гас, додека уделот на потрошувачката во рамките на системите за дистрибуција на природен гас во 2025 година изнесува само два отсто.
Бројот на приклучоци на системот за пренос на природен гас последниве години воопшто не е зголемен. Од 53 приклучоци во 2015 година, нивната бројка достигнала до 63 приклучоци во 2023, но потоа воопшто нема нови приклучоци. Е.Р.

































