Повод: Подигањето на албанското знаме од лидерот на ДУИ, Ахмети, без поставување на македонското државно знаме
- Лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, минатата недела подигна албанско знаме на јарбол кај меморијалниот комплекс „Мајка Албанка“ во Зајас, без покрај него да биде истакнато и македонското државно знаме. За јавноста тој повторно ја отвори темата за тоа колку се почитуваат државните обележја и уставните принципи во Македонија, а пред институциите наметна потреба да се оцени дали ваквиот чин е во согласност со државните законски одредби
Лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, минатата недела подигна албанско знаме на јарбол кај меморијалниот комплекс „Мајка Албанка“ во Зајас, без покрај него да биде истакнато и македонското државно знаме. За јавноста тој повторно ја отвори темата за тоа колку се почитуваат државните обележја и уставните принципи во Македонија, а пред институциите наметна потреба да се оцени дали ваквиот чин е во согласност со државните законски одредби.
– Чинот, извршен во пресрет на прославата по повод Денот на албанската азбука, со подигнување знаме што не е македонското државно знаме, одново актуализира чувствителни прашања. Правото на изразување на етничката припадност е неоспорно, но неоспорно е и прашањето за незаконски поведенија во тој контекст. Можно ли е повторување на едно дело толку многу пати, при што едноставно се злоупотребува сопствениот идентитет со игнорирање на законските обврски и одговорностите што произлегуваат од Уставот и законите во државава и кои се однесуваат на почитување на заедничките државни симболи на сите граѓани на Македонија? Токму таа граница е во сржта на евергрин-дебатата за унитарноста, државноста и за соживотот во Македонија – вели наш соговорник, адвокат.
Тенденциозно претворање на чествувањата во политикантски креирани акти
Манифестациите организирани по повод празниците на албанската заедница во земјава веќе со години се одржуваат исклучиво со истакнати албански знамиња и други албански симболи и обележја, додека ретко или воопшто не се забележува присуството на државното знаме на Македонија. Особено е проблематично што ваквите активности се партиски поттикнати, организирани или индиректно охрабрени од политички субјекти – највидливо од ДУИ, партија што многу години беше дел од институциите, креираше влади, управуваше со клучни сектори и денес претендира повторно да има значајна улога во македонската политика. Притоа се поттикнуваат постапки што се косат со Уставот и се создава институционален ризик. И се забележува тенденциозна пракса каде што чествувањата на празниците на албанската заедница се претвораат во политикантско креирани акти со правни импликации наместо да бидат културни изрази на славење на малцинствата и соживотот во земјава.
– Контроверзиите не произлегуваат од самото постоење на албанското знаме како симбол на етничките Албанци. Ако законски е усвоено знамето на албанската заедница во Македонија да биде идентично како знамето на Република Албанија, иако тоа не е дозволиво, тогаш задолжително е почитувањето на Законот за знамињата, според кој, големината и пропорциите при истакнувањето на споменатото знаме мора да бидат соодветни на законските одредби и, секако, тоа да биде поставено заедно со државното знаме.
Сега стана практика, се разбира незаконска, дека албанското државно знаме го заменува македонското државното знаме во јавниот простор, обележувајќи некаква посебна територија, екстериторијалност, друг суверенитет, различен од оној предвиден со Уставот на Македонија… – вели нашиот соговорник, адвокат.
Во јавноста веќе подолг период постојат перцепции дека во одредени средини албанското знаме се истакнува значително пошироко од случаите предвидени со закон: високи јарболи, јавни површини, комеморативни собири и локални празници, јавни манифестации и собирања, на свадбени колони, приватни прослави, при што во дел од тие случаи државното знаме на Македонија е отсутно. Дали секој од тие случаи претставува прекршување на законот е прашање што може да се утврдува само врз основа на конкретните факти и применливите законски одредби. Но независно од тоа, ваквите појави создаваат силни политички и општествени реакции.
Директно нарушување на принципите за државност и уставниот поредок
Неистакнувањето на македонското знаме на јавни собири што се случуваат на територијата на Македонија, особено кога станува збор за организирани и политички мотивирани настани, претставува директно нарушување на принципите на државноста и уставниот поредок.
Во Македонија постои законска рамка што го регулира користењето на знамињата на заедниците. Освен Уставот, еден од законите е и Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија, потоа Законот за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија, Законот за локалната самоуправа, одлуките на Уставниот суд итн.
Со Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија се утврдуваат условите, поводите и местата на кои тие можат да бидат истакнати, како и правилата кога и како тие се истакнуваат заедно со државното знаме. И во истиот контекст, Законот за употреба на знамињата на заедниците дозволува етничките заедници да го истакнуваат своето знаме паралелно со државното, но во соодветна форма и големина, која е законски пропишана. Со тоа законодавецот воспоставил рамнотежа меѓу две еднакво важни вредности: почитувањето на унитарниот државен поредок и, се разбира, правото на изразување на идентитетот на националноста преку свои симболи. П.Р.
Зошто истакнувањето на знамето на странски држави е во спротивност на територијалниот и секој друг суверенитет на Македонија?
Секоја држава го штити својот суверенитет со јасни правила, а помеѓу другото и со истакнување и поставување на своето државно знаме. Истакнувањето на знамето на други соседни држави директно значи и загрозување на македонскиот суверенитет и интегритет и според военото и меѓународното право претставува означување територија над која во случајов не важат македонските закони.
– Непреземањето санкции кон сторителите на вакви чинови, автоматски значи и признавање на окупацијата што е извршена. Во меѓународното право, државното знаме е официјален симбол на суверена држава. Тоа ја претставува државата во меѓународните односи, го користат државните институции, дипломатските претставништва и вооружените сили и е неразделно поврзано со суверенитетот – образложува сликовито и со малку поцврст тон, нашиот соговорник, адвокат и добар познавач на меѓународното право, додавајќи дека „од друга страна, знамето што го користи етничка заедница, соодветно на законите во државата домаќин, нема таков статус. Тоа не создава територијални права, не претставува суверенитет и не произведува меѓународноправни последици. Неговата функција е идентитетска и културна. Поради тоа, меѓународното право не забранува етничките заедници да користат знаме што е идентично со државното знаме на нивната матична држава. Но истовремено не им дава право тоа знаме да добие статус еднаков на државното знаме на државата во која живеат“.
Вистинската сила на една мултиетничка демократија се согледува во уверувањето дека законите важат еднакво за сите. Затоа треба да се нагласи дека отворањето на оваа тема не е насочено против конкретна заедница, туку во прилог на владеењето на правото како општ универзален принцип и како принцип за кој треба да бидат свесни еднакво сите граѓани на македонското мултиетничко општество. П.Р.
Симболите имаат особено значење во мултиетничко општество
Во едно мултиетничко општество, симболите имаат значење што ја надминува нивната формална правна природа. Она што за припадниците на една заедница претставува израз на етничка припадност, за други граѓани може да се доживее како демонстрација на политичка доминација или како симболично потиснување на државниот идентитет.
Особено кога во јавниот простор државното знаме е речиси невидливо, односно го нема, а доминира знамето на друга држава, дел од јавноста тоа го толкува како порака што оди подалеку од културниот идентитет. Дали таквата перцепција е основана е предмет на политичка и општествена дебата, но нејзиното постоење не може да се игнорира.
Со веењето на албанското државно знаме без истакнување на македонското се испраќа директна порака за непочитување на државата во која живеат припадниците на албанската заедница и за непочитување на македонскиот народ и на другите националности што се идентификуваат со државното знаме. Неистакнувањето на државното знаме никако не оди во прилог на заедничкиот соживот кон кој се тежнее. П.Р.
Непочитувањето на државното знаме носи строги казни во САД, Русија и во Израел
Израел предвидува тригодишна казна затвор за сквернавење на израелското знаме. Во Италија сквернавењето на националното знаме е забрането со закон и се казнува со парични казни (помеѓу 1.000 и 10.000 евра) за вербално сквернавење и со затвор повеќе од две години за други видови непочитување. Интересно е што во Јапонија се оди чекор понатаму, каде што според членот 92 (поглавје 4) од Кривичниот законик, сквернавењето на државното знаме или на друг симбол на странска држава, со намера да се наруши нејзиниот углед, е казниво дело за кое следува парична или затворска казна. Омаловажувањето на симболите на државниот суверенитет се казнува и во Турција, Грција, Шпанија, Бугарија и во Германија, а речиси секаде за тоа е предвидена и казна затвор. Соединетите Американски Држави имаат т.н. Федерален код за знаме, кој содржи правила за ракување и прикажување на знамето на САД. Иако федералниот законик не содржи казни за злоупотреба на знамето, државите имаат свои кодови за знамето и може да наметнуваат казни. Јазикот на „федералниот код“ јасно покажува дека знамето е жив симбол. Интересно е што тие упатства користат одредби од военото право и бараат да се истакнува знамето во јавност само од изгрејсонце до зајдисонце. Меѓутоа, знамето може да се прикажува секогаш ако тоа е осветлено за време на темница! Знамето не треба да биде предмет на временски оштетувања, затоа не треба да се истакнува за време на дожд, снег и бури од ветер, освен ако не е знаме за сите временски услови. Треба да се прикажува често, но особено на државни празници и посебни пригоди. Знамето треба да биде истакнато на или во близината на главната зграда на јавните институции, на училиштата за време на училишните денови и на избирачките места во деновите на изборите. Треба брзо да се подигне и свечено да се спушти. П.Р.
































