КАЈАК

  • Да се биде петти во генерален пласман од 257 натпреварувачи и постојано да се држи чекор со најдобрите десет во Европа и светот е голема мотивација за понатаму. Особено ме радува и тимскиот подиум, како и успехот на помладите сили, изјави Спасиќ. Покрај одличните резултати на Спасиќ во сениорска конкуренција, голем успех за македонскиот кајак оствари и Гугинов, кој е победник во генералниот пласман на Европските купови во јуниорска конкуренција

Македонскиот репрезентативец во кајакарски спуст Љубомир Спасиќ забележа уште еден значаен меѓународен успех во финалето на Европските купови, кое се одржа на реката Ди во Ланголен, Велс, потврдувајќи го континуитетот врвни пласмани во сениорска конкуренција.
Во спринт-трките одржани во саботата, Спасиќ по првото возење беше на шестото место, а по завршувањето на второто возење во финалето на Европскиот куп го освои седмото место. Со освоените бодови од финалниот натпревар, Спасиќ ја заокружи сезоната на петтото место во генералниот пласман на Европските купови за 2026 година, во силна конкуренција од дури 257 натпреварувачи.
​Успешниот настап на Спасиќ во Велс беше надополнет и со освоеното второ место во тимскиот настап, каде што настапи во мешан состав, заедно со натпреварувачи од Србија. Дополнително, на неделните класични трки Спасиќ се пласира на осмото место, со што уште еднаш се потврдува дека македонскиот спуст константно има резултати и пласмани меѓу најдобрите десет кајакари на европски и на светски натпреварувања.

– Задоволен сум од континуитетот во текот на целата сезона и од начинот на кој го заокруживме настапот во Ланголен. Да се биде петти во генерален пласман од 257 натпреварувачи и постојано да се држи чекор со најдобрите десет во Европа и светот е голема мотивација за понатаму. Особено ме радува и тимскиот подиум, како и успехот на помладите сили – изјави Спасиќ.
​Покрај одличните резултати на Спасиќ во сениорска конкуренција, голем успех за македонскиот кајак во Ланголен оствари и Благој Гугинов, кој е победник во генералниот пласман на Европските купови во јуниорска конкуренција.
​Следниот голем предизвик за Спасиќ се натпреварите во Кина, кои ќе се одржат во периодот од 14 до 21 декември. Н.М.