ТЕНИС – ДЕЈВИС-КУП
- Во четврт-финалето ќе играат Италија – Јужна Кореја, Чешка – Канада, Велика Британија – Германија и Австрија – Шпанија
Гигантите од Дејвис-купот, репрезентациите на Италија, Шпанија и на Германија, се меѓу осумте селекции што неделава во Болоња (Италија) ќе играат за трофејот на т.н. Светско првенство (СП) во тенис, со девет тенисери меѓу врвните десет на ранг-листите во поединечна и во конкуренција на двојки, пишува на интернет-страницата на Дејвис-купот.
Од поединечната ранг-листа на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) од минатата недела, на пример, тоа се Александар Зверев (број еден, Германија), Карлос Алкараз (три, Шпанија), Флавио Коболи (шест, Италија) и Рафаел Ходар (десет, Шпанија), а од листата на двојки тоа се Хенри Патен (број еден, Велика Британија), Нил Скупски (три, Велика Британија), Марсел Гранолерс (шест, Шпанија), Андреа Вавасори (седум, Италија) и Симоне Болели (десет, Италија).
Годинашниот турнир, 114. по ред, повторно ќе се одржи во Болоња, како и во претходните две изданија. Домаќинот Италија доби вајлд-карта за натпреварување откако го освои трофејот претходните три години. На Италијанците ќе им се придружат седумте репрезентации што победија во квалификациската втора рунда, одржана во септември, а тоа се селекциите на Австрија, Канада, Чешка, Германија, Велика Британија, Јужна Кореја и на Шпанија.
Секоја нокаут-средба ќе се состои до три натпревари што ќе се играат во еден ден, и тоа два дуела во поединечна и, доколку е потребно, одлучувачки меч во двојки. Во четврт-финалето ќе играат Чешка – Канада (денеска), Италија – Јужна Кореја (среда), Велика Британија – Германија и Австрија – Шпанија (двата меча се в четврток).
Дејвис-купот е тениско натпреварување на репрезентации што се игра од 1900 година. Најуспешната селекција е САД со 32 титули, а потоа следуваат Австралија со 28, Франција и Велика Британија со по 10… Н.М.
































